Три успешни операции за вградување на пенилни протези за првпат се извршени на државната Клиниказа урологија. Со ова, како што информираа од оваа здравствена институција, Македонија се вклучи во редот на најнапредните здравствени системи што нудат врвни решенија за хируршкото решавање на органската еректилна дисфункција.
-Вградивме пенилни протези на двајца пациенти на возраст од 45 и 59 години, кои претходно се оперирани од карцином на простата, додека третиот страда од Пејрониевата болест — нарушување на сврзното ткиво на самиот полов орган, при што доаѓа до закривување на пенисот. Пациентите добро се опоравуваат, а проценките се дека по оперативниот зафат е потребен болнички престој од три денови. Со оваа процедура не само што овозможуваме значително подобрување на сексуалната функција кај пациентите, туку влијаеме позитивно и врз нивната психолошка стабилност и севкупен квалитет на живот. Протезната хирургија е врвот во реконструктивната урологија и се фокусира на обновување, не само на анатомијата, туку и на функцијата на урогениталниот систем кај пациенти со сериозни оштетувања,изјави д-р Огнен Ивановски од Универзитетската клиника за урологија, кој ги изведе операциите заедно со реномираниот уролог д-р Марчел Рaд од Медицинскиот факултет во Романија, член на Европскиот одбор за урологија.
Овие операции целосно се покриени од Фондот за здравствено осигурување на Македонија и претставува нова услуга во јавното здравство. Клиниката предвидува годишна потреба од 15 протези. Досега, од Клиниката за Урологија ваквите пациенти се препраќаа во приватните и странските медицински центри, каде на ФЗО му се наплаќаше неколкукратно повисока цена.