Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа оцени, коментирајќи ги инцидентите меѓу демонстрантите и полицијата на протестот во Белград, дека државата си ја врши својата работа одговорно и дека протестите „се случиле поради неколку фактори“.
„Едниот е дека станува збор за постизборна траума поради уште еден неуспех што не го очекувале, бидејќи им ширеле лажна надеж на своите поддржувачи. Вториот е дека никој не може да објасни што прават пиротехниката, топовските истрели, шприцевите во Ректоратот“, изјави Вучиќ за телевизијата Информер.
По вчерашниот полициски претрес на Ректоратот на Универзитетот во Белград, како дел од истрагата за смртта на студентката на Филозофскиот факултет на 26 март, Вучиќ рече дека некои простории во зградата „личат на свињарник“.
Тој ги обвини оние што синоќа протестираа против влегувањето на полицијата во Ректоратот дека „во никој случај не покажуваат никаква емпатија кон девојката што настрада“.
„Тоа не ги интересира, за нив тоа е случаен случај и случаен инцидент, покажуваат дека не сакаат да се истражува нејзиното убиство или самоубиство, не го дозволуваат тоа. Воопшто не им е грижа за животот на тоа дете, туку имаат некои свои политички интереси кои им се поважни од светот“, оцени Вучиќ, додавајќи дека државата е заинтересирана да истражи како починала студентката.
Тој, исто така, оцени дека протестот синоќа покажал „чисто насилство во кое напаѓаат и удираат полицајци“.
„Но, ова е доказ дека сè е завршено. Остануваше тој мал број луѓе, кога ќе ги соберете сите вечерва имаше најмногу околу 3.900. Останаа радикализирани елементи, екстремисти, кои сакаа да се борат затоа што нивните очекувања беа големи, нивните фрустрации и комплекси беа огромни“, смета Вучиќ.
Коментирајќи ја можноста ректорот на Универзитетот во Белград, Владан Ѓокиќ, да се кандидира на следните избори, тој рече дека нема ништо против тоа и дека тоа е демократско право на секого во Србија, но дека не треба да го прави тоа додека е на Универзитетот.
„Тој е голем фаворит за иден премиер или претседател на државата. Како што самите велат, тие имаат 75 проценти од поддршката на народот, но тоа не е секогаш видливо на изборите“, рече Вучиќ.
Протест пред зградата на Ректоратот во Белград: Судири и инциденти меѓу полицијата и граѓаните












