Демонстрациите непрекинато се одвиваат откако на 1 ноември лани падна натстрешницата на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 луѓе. Во мај, овие протести, кои почнаа како револт, прераснаа во антивладини, со барање за смена на власта, а деновиве нивни карактеристичен знак се отворените судири меѓу демонстрантите и поддржувачите на владејачката Српска напредна партија, чиј член е претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Во Нови Сад, демонстрантите ги демолираа просториите на владејачката СНС откако претходниот ден од тие простории беа нападнати со пиротехнички средства, фалкли и со разни предмети. Полицијата со солзавец и употреба на пендреци ги растеруваше демонстрантите, кои ги наполнија улиците на триесетина града во државата, но тие најавуваат дека ќе продолжат со протестите
Антивладините протести низ Србија последнава недела опасно ескалираат во судири меѓу народот – од едната страна противниците на власта, од другата – нејзините поддржувачи. На протестите во четвртокот, во повеќе од 30 града, што полицијата ги растури по полноќ, повредени и уапсени се повеќе од 100 луѓе, а белег на ноќта ѝ дадоа и зачадените улици од солзавецот што го фрлаа полицајците и жандармите опремени со гас-маски, растерувањето мали групи демонстранти со пендреци и демолираните простории на владејачката СНС во Нови Сад.
Демонстрациите непрекинато се одвиваат откако на 1 ноември лани падна натстрешницата на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 луѓе. Во мај, овие протести, кои почнаа како револт, прераснаа во антивладини, со барање за смена на власта во државата, а нивни карактеристичен знак деновиве се отворените судири меѓу демонстрантите и поддржувачите на владејачката Српска напредна партија на претседателот Александар Вучиќ.
Во четвртокот вечерта, трет ден по ред, илјадници луѓе во 30 града низ Србија излегоа на улица откако во вторникот поддржувачите на СНС, во синхронизиран напад во два града во Војводина врз студентите и врз граѓаните што протестираат, фрлаа огномет, факли и други предмети.
Во Нови Сад, демонстрантите ги демолираа просториите на владејачката СНС откако претходниот ден беа нападнати од тие простории со пиротехнички средства, фалкли и со разни предмети. Повеќето од помладите луѓе што учествуваа во тој напад, беа маскирани и со качулки. Тогаш просториите на партијата беа празни, а немаше ниту полициско обезбедување. Српскиот претседател, Александар Вучиќ, во телефонско интервју за провладината „ТВ-информер“, рече дека сега „Европската Унија не може да се преправа дека не го видела тоа“.
Белград имаше долга, тешка и како што изјави граѓанин за една телевизија – тажна ноќ. Повторно се судри народот – од една страна луѓето што протестираат против власта, а од друга оние што ја поддржуваат, извикувајќи „Ацо Србине“. Меѓу нив, полицијата и жандармеријата, кои ги потиснуваа и опсипуваа противниците на Вучиќ со солзавец. И демонстрантите и поддржувачите на власта, по завршувањето на судирите, се обвинуваа едни со други дека сакаат да предизвикаат граѓанска војна. На повеќе улици во Белград беа донесени и оклопни возила. Како што јавија телевизиите што се сметаат за опозициски настроени, полицијата цела ноќ растерувала мали групи луѓе што се собирале на улиците, фрлајќи солзавец и тепајќи со пендреци. Според првите процени, повредени се над сто луѓе. Многумина добиле повреди во тепачките со поддржувачите на СНС, главно маскирани со капи на главите, чие насилство, како што покажуваат снимките на телевизиите и оние што ги објавуваа граѓаните на социјалните мрежи, беше претежно игнорирано од полицијата. Меѓу повредените е и претставникот на опозициската Партија за слобода и правда (ССП), Пеѓа Митровиќ, кој, според изјавата на партијата и неговото сведоштво, бил нападнат со метални прачки и сериозно повреден од десетмина „насилници и криминалци на Српската напредна партија“.
Многу немирно беше и во Ваљево. На социјалните мрежи се споделуваат видеа на кои се гледа како полицајци брутално тепаат демонстранти. На една од снимките, полицаец прашува млад човек дали е опозиционер, а потоа го удира со нога во главата. Медиумите јавуваат дека голем број луѓе се обиделе да ја избегнат полициската интервенција засолнувајќи се во околните куќи и згради. Ноќта, медицинска помош во болницата побарале околу 60 лица, а четири од нив се хоспитализирани. Според извори во полицијата, уапсени се 17 лица, а 19-мина полицајци се повредени. И покрај тоа, младите од Ваљево повикаа на нов протест.
Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, по полноќ објави дека во протестите низ Србија имало 70 повредени граѓани, но дека полицијата била изложена на „брутално насилство“. Со повреди се здобиле 42 полицајци, од кои 26-мина во Белград, седуммина во Ваљево и деветмина во Панчево. Според него, уапсени се 37 лица, меѓу кои и еден хрватски државјанин, кој, како што рече, ја нападнал жандармеријата.
– Толку од фактот дека овие протести немаат никаква врска со надворешен фактор – рече Дачиќ, додавајќи дека продолжуваат апсењата и дека секој што ја нападнал полицијата – ќе одговара.
Ситуацијата во Белград, Нови Сад и во Ваљево се смири нешто по полноќ, кога полицијата ги потисна и ги растера демонстрантите. Студентите од овие и од десетици други градови во Србија најавија дека продолжуваат протестите.