По третиот ден протести против имиграциската политика на претседателот Доналд Трамп, кои вклучуваа палење автомобили и фрлање молотови коктели врз полицајците, полицијата го прогласи центарот на Лос Анџелес за забранета зона и им нареди на демонстрантите да се разотидат.
Трамп ја распореди Националната гарда во Лос Анџелес во текот на викендот за да ги заштити зградите на федералната влада. Гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом го нарече овој потег незаконски.
Началникот на полицијата во Лос Анџелес, Џим Мекдонел, им рече на новинарите дека луѓето имаат право да протестираат мирно, но дека насилството на кое бил сведок е „одвратно“ и дека протестите се надвор од контрола.
Републиканскиот претседател вети дека ќе депортира рекорден број луѓе кои во земјата престојуваат илегално и ќе ја затвори границата меѓу САД и Мексико. Тој и постави цел на Имиграциската и царинската служба (ICE) да апси околу 3.000 илегални имигранти дневно.
Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум изјави во понеделникот дека не го одобрува насилството за време на протестите во Лос Анџелес против полициските имиграциски рации.
Таа, исто така, ги повика американските власти да го почитуваат владеењето на правото во постапките за имиграција.
„Да бидам јасна: ние го осудуваме насилството од каде и да доаѓа“, рече Шејнбаум.