Протести за Вардариште и во текот на продолжениот викенд

88

Жителите на Аеродром продолжуваат со протестите на раскрсницата меѓу булеварите АСНОМ и „Јане Сандански“, кои се одржуваат во периодот од 16:00 до 18:00 часот. Тие реагираат на секојдневното труење од депонијата Вардариште, која постојано гори. Велат дека нема да се откажат, бидејќи никој од надлежните не презема мерки, а постојано ги чувствуваат смрдеата и последиците од чадот и мораат да живеат затворени во своите домови.

На еден од протестите се случил и инцидент, кога влетало лице во алкохолизирана состојба со електричен тротинет, со голема брзина, меѓу демонстрантите.

Според објавата на граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“, лицето удрило во легнат велосипед, покрај кој имало деца што си играле, а потоа се обидело да избега. Родителите и дел од присутните граѓани веднаш реагирале и тргнале да го запрат. Возачот на тротинетот, кој не успеал да ја задржи контролата, по околу 50 метри ја загубил рамнотежата и паднал, по што бил задржан од присутните.

За среќа, немало повредени граѓани во инцидентот, но организаторите и присутните реагираат дека редовно на протестите присуствуваат и мали деца и миленици, кои се во најголем ризик да настрадаат.

Инаку, според информациите од Центарот за управување со кризи, во текот на вчерашниот ден, до 12:00 часот, на територијата на државава биле активни шест пожари, еден бил ставен под контрола, а два биле изгаснати.

Меѓу активните се водат пожарите во Општина Берово, Дрџински Рид, местото викано Стојковото, во околината на селото Русиново, каде што се опожарени дабова, букова шума и папрат. Има два активни пожара во Општина Липково, од кои едниот во регионот на селото Никуштак, каде што горат нискостеблеста деградирана шума и дабова шума, а другиот во регионот на селото Оризаре, каде што се опожарени мешана шума и ниска вегетација. Има активен пожар и во подрачјето на селото Варвара, Општина Студеничани, опожарени се мешана шума и ниска вегетација. Во регионот на селата Белица и Ложани, Општина Струга, исто така, има два активни пожара. На двете места гори ниска вегетација.

Од ЦУК соопштија дека е ставен под контрола пожарот во Вардариште, Општина Гази Баба.

Изгаснати се пожарите во атарот на селото Спанчево, Општина Чешиново-Облешево, и во Општина Тетово.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ