Бранот антивладини протести продолжи синоќа во неколку српски градови со мотото „Србија не може да се смири“ и бројни судири меѓу демонстрантите и полицијата, а во Ваљево беа срушени просториите на владејачката Српска напредна партија (СНС), локалната администрација, судот и обвинителството.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ кажа дека имало драстично нарушување на јавниот ред и мир, брутални напади врз полицијата, демолирања и палежи, при што се уапсени 18 лица, а еден полицаец е повреден.
„Најмногу инциденти имаше во Ваљево, Белград и Нови Сад, но јавен ред е воспоставен во трите града“, изјави Дачиќ.
Инаку, претходните инциденти во Врбас и Бачка Паланка предизвикаа бран протести низ цела Србија. Тензиите беа високи на некои места, а полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата.