Во Нови Сад се одржува протест на студенти и граѓани, кој беше закажан по најавата за пристигнување на претседателот Александар Вучиќ на Свечената академија по повод 200-годишнината од основањето на „Матица Српска“. Пристигнувањето на Вучиќ оттогаш е откажано, но организаторите сепак одлучија да го одржат протестот, пренесува „РТС“.
Граѓаните се собраа на кампусот на Универзитетот во Нови Сад околу 17 часот, по што тргнаа на протестна прошетка кон зградата на Покраинската влада.
Силни полициски сили ја блокираа раскрсницата со улицата „Жарко Зрењанин“. Како што неофицијално дознаваме, полицијата е распоредена на неколку локации во градот што водат до Српскиот народен театар, каде што се одржува свечената академија.
Два полициски кордона го обезбедуваат влезот во Српскиот народен театар, каде што се собраа граѓани кои се спротивставуваат на блокадите. Голем број граѓани од протестот стигнаа до „Плоштад Слобода“ (Трг Слободе), каде што беа пречекани од друг полициски кордон.
За време на протестот, две спротивставени групи, разделени од полицијата, разменија навреди. Во еден момент се случи инцидент во кој, според очевидци, беа повредени неколку студенти.
Протестот беше најавен од граѓанските собранија и студентите откако беше објавено дека претседателот на Србија ќе зборува на церемонијата по повод двестегодишнината од „Матица Српска“.
Вучиќ потоа објави дека нема да присуствува на Свечената академија бидејќи се подготвува за патување во Индија, но организаторите сепак одлучија да го одржат настанот.
Во меѓувреме, студентите од Нови Сад објавија дека некои од нивните колеги добиле повици во кои, тврдат тие, им се заканувало кривично гонење доколку не се откажат од протестот.












