Професорите, наставниците и соработниците побараа од српската влада да распише предвремени парламентарни избори и да ја распушти работната група за изготвување нов закон за образование, пренесува „Бета“.
Тие исто така побараа укинување на регулативата за пресметување на платите на наставниците и напуштање, како што наведоа, на „комерцијализацијата и ваучеризацијата“ на образованието.
Демонстрантите исто така бараат крај на притисокот и заплашувањето врз вработените и студентите, со порака дека изборите се најдобриот начин за мирно и демократско решавање на кризата.
„Образованието не е продажна стока, знаењето не е привилегија, туку предуслов за социјална правда и демократско општество засновано на еднаквост, слобода на мислата и одговорност“, рече професорката Катарина Поповиќ од Филозофскиот факултет.
Професорката Марија Бабовиќ додаде дека високото образование е основа на општеството и дека оние кои го уништуваат сакаат само да останат на власт.
Како што истакна таа, најавениот нов закон има за цел да обезбеди високото образование да служи за зачувување на личната моќ на „тој еден човек“ и „да ја карикатурира неговата слика и дело“.
Бабовиќ го изрази својот страв дека со уништувањето на универзитетот ќе се отвори патот за партиските функционери да отворат приватни факултети и дека парите од буџетот ќе се слеваат кон нив.
Таа додаде дека универзитетот е составен и од професори, студенти и декани, дека не може да има преговори со владата без сите нив заедно и дека нема да се откажат додека не се исполнат нивните барања.
Професорката, исто така, ги повика граѓаните да одлучат дали се за образование, да размислат кој ќе ги третира и кој ќе ги гради и да ги поддржат.
Прочитајте повеќе