петок, јануари 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Протест на „Здрава котлина“ против аерозагадувањето

Протест на „Здрава котлина“ против аерозагадувањето

25

Под мотото „Излези. Застани. Зборувај за себе. За своите деца. За здравјето. За иднината“, еколошкото здружение „Здрава котлина“ утре напладне, на крстосницата пред ТЦ „Глобал“ во Струмица  организира протест против аерозагадувањето.

Во соопштението објавено на нивната фејсбук-страница, се наведува дека повторно дошол денот кога се принудени да излезат на улица и да го искажат заедничкиот револт против аерозагадувањето.

– Власта се менува. Функциите се менуваат. Но едно нешто останува исто: ние и понатаму дишеме отров. Со години слушаме ветувања за „чист воздух“, „стратегии“, „мерки“ и „планови“. А што добивме? Ништо. Молк. Институционална негрижа – се наведува во повикот за протестот.

Од „Здрава котлина“ додаваат дека моменталната состојба во јужниот дел на градот е алармантна и изложеноста на граѓаните на ПМ-честички е голема.

Тие ги повикуваат сите граѓани – родители, млади, пензионери, работници, студенти – да излезат во што помасовен број и заедно да кажат: „Стоп на аерозагадувањето, стоп на трујачите, стоп на институционалната негрижа, крај на воздушната апокалипса и најгласно Уааа за инспекторите и за институциите што со години не си ја вршат работата“.

„Здрава котлина“ и лани во февруари и во јули организираше два протести против аерозагадувањето.

 

ИЗДВОЕНИ