Неколку десетици Украинци и нивните поддржувачи протестираа пред Лондонската кралска опера поради настапот на руската оперска пејачка Ана Нетребко.
Синоќа, демонстрантите држеа украински знамиња и транспаренти на кои пишуваше „Додека Нетребко пее, Украина крвари“ и „Престанете да ја величате руската агресорска култура“ пред премиерата на операта „Тоска“ од италијанскиот композитор Џакомо Пучини, објави „Бета“.
Нетребко, една од водечките светски сопрани, доби награда од рускиот претседател Владимир Путин во 2008 година, но не настапувала во Русија откако започна војната со Украина во февруари 2022 година.
Таа беше отпуштена од операта „Метрополитен“ во Њујорк по почетокот на војната и ја тужеше компанијата, тврдејќи дискриминација врз основа на пол и националност.
Оттогаш Нетребко пеела во многу големи оперски куќи низ целиот свет, а нејзиниот прв рецитал во САД по нејзиното отпуштање беше во Операта Палм Бич во Флорида во февруари оваа година.
Група британски пратеници и неколку други функционери, вклучувајќи ја и поранешната премиерка на Нов Зеланд, Хелен Кларк, во август побараа Кралскиот балет и Кралската опера да го откажат настапот на Нетребко во лондонската опера во декември со „Турандот“ од Пучини и рециталот во јуни следната година.
Кралската опера, исто така, се откажа од изведбата на „Тоска“ од Пучини во Тел Авив следната година, откако речиси 200 вработени и изведувачи протестираа против изведбата поради војната во Појасот Газа.