Почнаа подготвителните работи за партерно и хортикултурно уредување на потегот во Градски ѕид, од Зеленото пазарче до улицата „Македонија“.
Од Општина Центар информираа дека во рамките на активностите се отстранува дотраеното детско игралиште во делот зад објектот „Краш“.
Притоа, соопштија дека на таа локација ќе има нов проширен простор наменет за детска игра, со нови реквизити и подлога. Веднаш до него се планира поставување модерна фитнес-зона, опремена со справи за вежбање и рекреација.
– Модернизацијата и уредувањето на овој простор беа дел од мојата програма. По барање на жителите, го уредуваме овој потег за да биде достоен за урбаното јадро и за нивните секојдневни потреби – истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Тој додаде дека се отстрануваат дотраените и искршени плочи, се поставуваат нови рабници, како и нов кош на местото на постојниот. Предвидена е и изведба на хидроизолација над подземните гаражи, со цел решавање на проблемот со протекувањето. Проектот опфаќа темелно хортикултурно уредување, поставување нови клупи, светилки и уредени пешачки патеки. Просторот ќе добие функција на мини урбан парк, нагласи Герасимовски.












