„Простори на конјункција“ е насловот на изложбата на Националната галерија на која ќе се претстават дела на повеќе македонски современи уметници, а што ќе биде отворена на 7 август, во 18:30 часот, во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија, Бугарија.
Кураторскиот тим на овој проект на Националната галерија го сочинуваат д-р Ана Франговска, Горанчо Ѓорѓиевски, Маја Неделкоска-Брзанова и Маја Чанкуловска-Михајловска. Како што е најавено оттаму, на официјалното отворање на изложбата ќе присуствуваат претставници од Националната галерија и директорот Али Синани, а пред присутните ќе се обрати директорот на културниот центар, проф. д-р Зоран Пејковски.
– Кураторскиот проект „Простори на конјункција“, ја утврдува уметноста како динамичен простор во кој интимните, лични фрагменти се преплетуваат со колективните мемории и културни матрици како театар на тензија и симбиоза. Оваа изложба ги истражува кревката граница меѓу малите приказни од интимниот свет на индивидуата и големите наративи – широка, сложена мрежа на големите историски и културни наративи – концепт што произлегува од Жан-Франсоа Лиотар и неговата критика на „метанаративите“. Според Лиотар, во постмодерната ера ја губиме довербата во „големите наративи“ (metanarratives), па просторот за вистина се отвора низ различни „мали наративи“ (petits récits). Преку ваквата леќа, делата во оваа изложба ја рефлектираат потенцијалната тензија меѓу општественото и поединечното, не како конфликт туку како конјукција – потрага по нови рамки во која придонесуваат индивидуалните сеќавања, а притоа не се преплавени од колективната меморија. Низ графика, цртеж, фотографија, видео, објект, колаж, уметниците не само што раскажуваат приказни туку градат мултимедијални платформи во кои секој медиум станува посебен канал за конјункција. Различните техники не функционираат само како формални избори, туку како активни стратегии за премостување на личното и колективното, посочува кураторката Ана Франговска.
На изложбата ќе можат да се видат дела од 20 македонски современи уметници, односно, на Александар Станкоски, Дарко Алексовски, Кристина Пулејкова, Ѓорѓи Десподов, Методи Ангелов – Мето, Ирена Паскали, Ѓорѓе Јовановиќ, Верица Ковачевска, Мариго Исеини, Велимир Жерновски, Иванчо Талевски, Моника Мотеска, Михаела Јовановска, Марија Сотировска Богдановска, Шќипе Мехмети, Славица Јанешлиева, Игор Сековски, Кристијан Јованоски, Жанета Вангели, Роберт Јанкулоски.
– „Простори на конјункција (спојување)“ е повеќеслојна мултимедијална мрежа што инсистира на активен гледач и коавторство. Секој што влегува во овие простори, влегува во релација со фрагментите – распарчените траги на интимното, архивирани во материјали што постојано се обидуваат да се спојат во нова целина. Оваа изложба нè поканува на плуралистичко, критичко и емотивно патување – низ спомени, граници, колективни структури и нестабилни текови на значење. Таа е документ и мапа. Ја означува територијата каде што се спојуваат материјалите и идеите, каде што споменот не е стабилен, туку станува – како колаж – жив организам што повикува повторно да се состави, додава Франговска.
Публиката ќе може да ја посети изложбата до крајот на месецов.