Мировниот план за Газа што го предложи американскиот претседател Доналд Трамп е договорен во „почетна фаза“ меѓу Израел и Хамас, отворајќи го патот за прекин на огнот, ослободување на заложниците и крај на разорната војна во која загинаа повеќе од 67.000 луѓе и се преобликува Блискиот Исток.
Само еден ден по втората годишнина откако Хамас го нападна Израел и зеде заложници, предизвикувајќи израелска одмазда која сè уште трае во Газа, индиректните разговори во Шарм ел Шеик, Египет, резултираа со договор за првата фаза од мировниот план на Трамп од 20 точки за палестинската енклава.
Веста дека доаѓа мир беше причина за прослави во Израел, Газа и во други делови од Блискиот Исток. Семејствата на израелските заложници отвораа шампањ и палеа огномет, додека Палестинците аплаудираа и навиваа со надеж дека ќе се стави крај на крвопролевањето.
Во Тел Авив, владее еуфорична атмосфера додека стотици луѓе се собираат на Плоштадот на заложниците, и покрај дождот, за да го прослават потпишувањето на договорот меѓу Израел и Хамас. Толпата аплаудира и танцува под американските и израелските знамиња, додека една жена гордо држи знак на кој пишува: „Го сакаме Трамп“.
„Ова е магичен ден“, вели жената.
Во близина, 50-годишната Јаел не може да ги скрие своите емоции, плачејќи додека ја гледа толпата како танцува. „Толку сум возбудена – ова е огромно олеснување“, вели таа. „Само сакаме да ги видиме нашите најблиски да се вратат дома кај своите семејства“, додава таа.
Славенички истрели одекнуваа ноќта меѓу средата и четвртокот, а луѓето плачеа од радост кога веста за мировниот договор од Египет стигна до опустошената Газа и до Израел. Кога почнаа прославите, деталите од договорот останаа нејасни, вклучително и дали е постигнат напредок во поитните прашања за иднината на конфликтот, како што е дали Хамас ќе се демилитаризира и како во иднина ќе се управува со територијата разурната од војна.
Како дел од договорот, Хамас соопшти дека уште викендов ќе ослободи 20 заложници кои сè уште се живи, а изворите велат дека размената со палестинските затвореници ќе се случи во рок од 72 часа од потпишувањето на договорот, почнувајќи од четврток. Хамас држеше 251 заложник во Газа од 2023 година, а сега има уште 47, вклучувајќи 25 за кои Израел смета дека не се живи.
Нетанјаху најави дека ќе го свика кабинетот во четврток за да го одобри договорот за прекин на огнот во Газа, додека Хамас ги повика Трамп и државите гаранти да се осигурат дека Израел целосно го спроведува договорот.
Но, не се сите сигурни дека мирот ќе потрае.
– Веруваме и не веруваме. Имаме мешани чувства, помеѓу среќа и тага, сеќавања, сè е измешано, рече Ејад Амави, палестински координатор за помош за раселените лица во централна Газа додавајќи дека се надева оти договорот ќе биде спроведен како што е договорено, за да можат луѓето да се вратат во своите домови и да им се врати „волјата и надежта за живот“ во Газа.
Најголемиот страв на Амави е дека Израел ќе создаде пречки за спроведување на договорот.