Просечната нето плата во август достигна 45.310 денари, а просечната бруто-плата 68.180 денари што во однос на истиот месец лани е зголемување од 10,3 отсто, соопшти Државниот завод за статистика. Зголемувањето на нето платата се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во здравствената и социјалната заштита за 14,6 отсто, образование за 14,5 отсто и административни и помошни услужни дејности за 14,1 отсто.
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во однос на јули е забележано во секторите уметност, забава и рекреација за 5,2 отсто, објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 4,7 отсто и рударство и вадење на камен за 4,5 отсто.
Статистичките податоци покажуваат дека од месец во месец имаме стагнација на платите, па дури и намалување ако се погледне платата во мај, кога просечната нето плата достигнала 45.796 денари и била највисока во текот на оваа година. Она што може да се забележи е дека просечната плата наместо да се зголемува, во текот на оваа 2025 година стагнира на сума околу 45 илјади денари.
Платите во јавниот сектор го кренаа просекот за 10,3 отсто, бидејќи ако се анализира каде има најголемо зголемување, тоа се секторите здравствена и социјална заштита, образование и административни и помошни услужни дејности.
Податоците покажуваат дека просечните плати во регионот се движат од 740 до 1.444 евра. Хрватска е убедливо на првото место, со просечна нето плата во јуни од 1.444 евра. По Хрватска следува Црна Гора, која е највнимателна во објавувањето статистика. Таму просечната плата без даноци и придонеси во август изнесувала 1.015 евра.
Србија заостанува зад овие две земји по износот на заработката, таму просечната плата во јули изнесувала 932 евра.
Босна и Херцеговина има поделена статистика. Во Федерацијата Босна и Херцеговина, просечната плата во август изнесувала 797 евра, а во Република Српска во јуни просечната плата достигнала 782 евра.
Најниските плати на оваа листа се во Македонија, каде што просечната плата во април годинава изнесувала околу 740 евра, додека пак во август годинава истата е намалена за околу 200 денари и изнесува околу 737 евра.