Со ребалансот на буџетот, Владата обезбеди пари за повисоки пензии и плати во јавната администрација, и тоа почнувајќи со јулската исплата.
Според документите од Министерството за финансии, просечната пензија ќе скокне за 2.130 денари, што ќе овозможи пензиите на поголем дел од пензионерите да достигнат над 21.000 денари и ова покачување ќе ги опфати сите 330.000 пензионери во државава.
Повисоки плати ќе има и за вработените во јавната администрација. Така, вработените во МВР, здравството, образованието и во општинските служби ќе добијат меѓу 3.200 и 6.800 денари повисока плата во зависност од институцијата и рангот на работното место. Со ваквото покачување, се очекува просечната плата во државните институции да достигне 45.000-50.000 денари, што е највисоко ниво досега.
Минималната плата се зголеми на 24.500 денари, што автоматски повлекува раст на целиот платен систем, вклучително и колективните договори, а финансиско олеснување добиваат и родителите, затоа што се зголемуваат детските и образовните додатоци, како и социјалните трансфери за најранливите категории.
Министерката за финансии објасни дека зголемувањата се резултат на добра наплата на даноците, стабилен раст и на дисциплинирано трошење. Оние, пак, што ги критикуваат потезите на Владата, велат дека зголемувањата доаѓаат во изборна година и дека зад економските бројки има политичка калкулација.