– Ова што се случува е поради неквалитетната почва. Наместо да биде исчистена депонијата во Ново Село, само е затрупано ѓубрето на таа локација. Паркот е изграден врз контаминирана почва и претставува еколошка бомба. Тој беше помпезно најавуван од скопската градоначалничка и од градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски – потенцираат околните жители, прашувајќи дали ќе има одговорност од Арсовска и од Стојкоски. Слична е состојбата и со мегапаркот на кејот во Карпош 4. Недоизграден, и тој се распаѓа. Рекламните табли се пропаднати во земја, просторот е обраснат со трева и со грмушки, а наместо уредена зелена зона, граѓаните гледаат слика на запуштеност и небрежност
Мегапаркот во Ново Село, во Општина Ѓорче Петров, кој го најавуваше на голема врата градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и кој беше изграден на местото на поранешната депонија, денес се наоѓа во очајна состојба. Околните жители велат дека му се случува еколошка катастрофа, бидејќи само е затрупано ѓубрето, а на новата почва се насадени дрвја, кои во моментов се болни и слаби и од малку посилен ветар, се кршат. Тоа го поткрепуваат и со фотографии на кои може да се видат паднати дрвја на тревата.
– Ова што се случува е поради неквалитетната почва. Наместо да биде исчистена депонијата во Ново Село, само е затрупано ѓубрето на таа локација. Паркот е изграден врз контаминирана почва и претставува еколошка бомба. Тој беше помпезно најавуван од скопската градоначалничка и од градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски – потенцираат жителите, прашувајќи дали ќе има одговорност од Арсовска и од Стојкоски.
Градоначалникот Стојкоски вели дека е запознаен со состојбата на мегапаркот, но, како што нагласи, надлежен за неговото одржување е Град Скопје, односно ЈП „Паркови и зеленило“.
– Жално е да се доведе овој парк во ваква состојба. Овде имаше предвидено и други содржини, детско игралиште. Знам дека имаше поставено и системи за наводнување, па ме чуди зошто се случува ова и зошто ЈП „Паркови и зеленило“ не го одржува. Депонијата се претвори во парк, кој сега повторно се доведува во мизерна состојба – изјави Стојкоски.
За оваа состојба, и од Град Скопје и од ЈП „Паркови и зеленило“ – молк. До затворањето на весникот, тие не одговорија на прашањето зошто дозволиле да биде запуштен овој мегапарк и зошто не се одржува.
Формирањето на овој парк започна во 2022 година. Тогаш Градот се пофали дека никнува нова зелена површина во Ново Село, која треба да простира на повеќе од 30.000 квадратни метри. Притоа информираа дека успеале целосно да ја исчистат депонијата за создавање на новата парковска површина. Се изјаснија дека работните активности и хортикултурното уредување на мегапаркот предвидуваат четири фази на изведба. Во активностите учествуваа јавните претпријатија „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“. Во првата фаза се трасираа пешачките и велосипедските патеки и просторот за други содржини, а се поставуваа и потребните подземни инсталации.
Според градските власти, било предвидено садење на повеќе од 2.200 дрвја од десетина различни вида, како и дополнителни цветни садници, соодветни за облагородување и зазеленување на парковската површина. Беше предвидена и изградба на детско игралиште, игралиште за миленици и фитнес-зона, со соодветни реквизити, како и изградба на паркинг за посетителите. Проектот чинеше 68 милиони денари.
Слична е состојбата и со мегапаркот на кејот во Карпош 4. Недоизграден, и тој се распаѓа. Рекламните табли се пропаднати во земја, просторот е обраснат со трева и со грмушки, а наместо уредена зелена зона, граѓаните гледаат слика на запуштеност и небрежност.
Паркот, кој треба да се простира на површина од 86.000 квадратни метри – од новиот мост во Влае до жолтиот пешачки мост, беше најавен како дел од програмата „За модерно Скопје“ на Арсовска. Според плановите, паркот требаше да добие пешачки патеки, урбана опрема, паркинг за посетителите и специјални зони за миленици. Наместо тоа, денес сведочиме на уште еден пример за недоследност меѓу ветувањата и реалноста.
Иако работите беа официјално започнати со трасирање и со тампонирање на патеките, сега дел од инфраструктурата е во лоша состојба, што го поставува прашањето дали воопшто ќе биде доведен проектот до крај.
Историски, токму овој појас бил местото каде што по катастрофалниот земјотрес во 1963 година бил дислоциран градежниот шут. Денес, просторот треба да доживее своја ренесанса како модерен парк, но граѓаните велат дека повеќе наликува на депонија отколку на зелена оаза.
(А. П.)