Европската Унија се соочува со нови предизвици бидејќи се чини дека планот за користење на замрзнатите руски средства за финансирање на војната во Украина нема да може да се спроведе. Чешка официјално објави дека се придружила на групата земји кои се противат на користењето на замрзнатите руски средства за да ѝ се позајмат на Украина 210 милијарди евра.
Претходно, Италија, Малта и Бугарија се придружија на Белгија во спротивставувањето на префрлањето на замрзнатите руски средства во Украина.
Одлуката на Италија го промени дипломатскиот баланс на моќ со подготовка на документ, заедно со Белгија, Малта и Бугарија, со кој се повикува Комисијата да разгледа алтернативни опции за финансирање на Украина без користење на руски средства во наредните години“, објави бриселски „Политико“.
Четирите земји изјавија дека „ги повикуваат Европската комисија и Европскиот совет да продолжат да истражуваат и дискутираат за алтернативни опции, во согласност со правото на ЕУ и меѓународното право, со предвидливи параметри и значително пониски ризици, за да ги задоволат финансиските потреби на Украина – врз основа на кредитна линија од ЕУ или привремени решенија“.
Нивната јавна критика ги поткопува надежите на Европската комисија за финализирање на договор за експропријација на замрзнати руски средства помалку од една недела пред клучниот состанок на лидерите на ЕУ во Брисел закажан за 18-19 декември.
„Се согласуваме со белгискиот премиер дека Европската комисија мора да најде други начини за финансирање на Украина. Нашите буџети се празни, а секоја круна што ја имаме треба да биде насочена кон нашите граѓани“, изјави новоизбраниот чешки премиер Андреј Бабиш.
Овој став на Чешка, според бриселскиот портал, дополнително ја поддржува Белгија, која се спротивставува на користењето на овие резерви како средства за таканаречен заем за репарација за Украина.
Европската унија претходно гласаше за неопределено замрзнување на руските финансиски средства во Европа, од кои повеќето се во сопственост на финансиската институција „Евроклер“ во Брисел.












