Пронајдено куче во напуштен автомобил, без провев, храна и вода

37

Куче женка на возраст од приближно една година било пронајдено затворено во напуштен автомобил на територијата на Скопје, по претходна пријава на граѓани. Животното било без вода, храна или провев и било изложено на екстремни температури и во загрижувачки услови.

Од јавното претпријатие „Лајка“ информираат дека благодарение на навремена реакција, животното било извадено и во моментов е во процес на закрепнување.

– Се работи на стабилизирање на нејзината психофизичка состојба, а случајот е пријавен до надлежните институции. Според сведоштва од жители на местото, ова не е прв пат истото лице да држи животни во вакви услови. Претходно, биле забележани уште две кучиња од расата кане корсо, кои, исто така, биле чувани во запуштени, нехумани услови – објаснуваат од ЈП „Лајка“.

Оттаму додаваат дека станува збор за континуирано и сериозно кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните, кое бара итна реакција од институциите. Од ЈП „Лајка“ апелираат до надлежните органи да постапат со целосна сериозност и да преземат мерки за да се спречи понатамошното загрозување на животните од страна на ова лице.

При тоа, потсетуваат дека затворањето кучиња во автомобили, особено во лето, може да доведе до фатални последици за само неколку минути. Ги повикуваат и охрабруваат граѓаните што имаат информации за случајот или други слични примери, да се јават и да помогнат во борбата против насилството врз животните.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ