Индонезиските власти соопштија дека ги пронашле остатоците од авионот што исчезна во покраината Јужен Сулавеси и дека спасувачките екипи го пронашле телото на едно од 10-те лица во авионот.
Авионот ATR 42-500, во сопственост на Indonesia Air Transport, го изгубил контактот со контролата на летање минатата сабота околу 13:30 часот по локално време во округот Марос во Јужен Сулавеси.
Авионот, изнајмен од Министерството за поморски работи и рибарство на Индонезија за спроведување на воздушен надзор на рибарството, превезувал седум члена на екипажот и тројца патници, објави Ројтерс.
Патниците биле вработени во министерството.
Авионот летал од Јогјакарта до Макасар, главниот град на Јужен Сулавеси, пред да го изгуби контактот.
Анди Султан, функционер во агенцијата за спасување на покраината Јужен Сулавеси, изјави дека локалните спасувачи ги пронашле остатоците од авионот на различни локации околу планината Булусараунг во округот Марос.
Шефот на агенцијата за спасување на Јужен Сулавеси, Мухамед Ариф Анвар, изјави дека 1.200 луѓе ќе бидат распоредени во потрагата по исчезнатите.











