Телата на најмалку 21 мигрант се пронајдени во масовна гробница во источна Либија, додека 10 преживеани мигранти, кои беа ослободени од заробеништво на фарма, покажаа знаци на тортура, соопштија денес два неименувани безбедносни извори.
Тие додадоа дека безбедносните сили извршиле рација на фарма во близина на градот Аџдабија откако добиле извештај дека таму се држат мигранти од подсахарска Африка, објави Ројтерс.
„Пронајдовме мигранти, мажи, жени и деца, кои покажуваа знаци на тортура. Тие беа однесени во болница каде што пријавија дека со нив има и други мигранти, а потоа исчезнаа“, рече еден од изворите.
Масовната гробница е откриена околу 10 километри југоисточно од Аџдабија, 160 километри од Бенгази, вториот по големина град во Либија.
Сопственик на фарма е уапсен и признал дека постои масовна гробница на неговиот имот, велат изворите. Како починале мигрантите останува нејасно и истрагата е во тек, додаде еден од изворите, според агенцијата.
Од соборувањето на Моамер Гадафи во 2011 година, Либија стана транзитна рута за мигранти кои бегаат од конфликти и сиромаштија кон Европа преку опасни патишта низ пустината и Медитеранот. Либиската економија базирана на нафта, исто така, привлекува осиромашени мигранти кои бараат работа, но безбедносната ситуација низ целата земја е лоша, што ги става мигрантите во опасност, соопшти агенцијата.
Во јули минатата година, повеќе од 100 мигранти, вклучувајќи пет жени, беа ослободени од заробеништво во Аџдабија откако беа држени за откуп од банда, изјави претходно либискиот државен обвинител.
Во септември, Меѓународната организација за миграција на ОН соопшти дека најмалку 50 лица загинале откако брод со 75 судански бегалци се запалил покрај либискиот брег. Кон средината на октомври, телата на 61 мигрант беа пронајдени на медитеранскиот брег западно од главниот град Триполи.
Податоците на ОН собрани во 100 либиски области помеѓу август и октомври 2025 година покажаа дека вкупно 928.839 мигранти од 44 земји биле држени таму.
Неколку земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Шпанија, Норвешка и Сиера Леоне, ја повикаа Либија на состанокот на ОН во Женева минатиот ноември да ги затвори центрите за притвор каде што групите за човекови права велат дека мигрантите и бегалците се мачат, злоупотребуваат, а понекогаш и убиваат, објави Ројтерс.












