Форензичарите утврдиле дека скелетот пронајден минатото лето во подрум од куќа во бриселската населба Форест му припаѓа на македонскиот државјанин Реџеп Рахмановски, кој се водел како исчезнат повеќе од две децении, соопшти белгиската Федерална полиција.
Остатоците биле откриени во јули 2025 година при реновирање на објектот, по што биле предадени на детална форензичка анализа. По спроведените испитувања било потврдено дека станува збор за Рахмановски, роден во Македонија во 1976 година.
Според полициските податоци, Рахмановски последен пат бил виден вечерта на 16 јули 2003 година, кога го напуштил своето работно место. По тој датум му се губи секаква трага, а сè до неодамнешната идентификација на скелетните остатоци, надлежните немале сознанија за неговата судбина.
Врз основа на форензичкиот наод, белгиските власти издале налог за претрес на куќата каде што бил пронајден скелетот, со цел да се обезбедат дополнителни докази и информации за околностите под кои настрадал Рахмановски.
Федералната полиција во Белгија упати јавен апел до сите кои располагаат со какви било информации поврзани со жртвата или со неговото исчезнување да се јават кај надлежните служби, при што нагласуваат дека секоја доставена информација ќе биде третирана целосно дискретно.












