„Магични македонски знаменитости“ е насловот на монографијата во издание на издавачката куќа „Трето уво“. Според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, оваа книга не е само визуелна разгледница туку и сведоштво за едно културно патување низ богатствата на Македонија – природни, историски, духовни…
– Станува збор за луксузно двојазично издание, внимателно подготвено за да ја прикаже Македонија во нејзината целосна убавина: од археолошките локалитети, кои го чуваат духот на древните цивилизации, до националните паркови, кои ја одразуваат хармонијата на природата – кажа, меѓу другото, министерот за култура и туризaм, Зоран Љутков, на денешната промоција на оваа книга.
Книгата раскажува и за урбаните туристички дестинации што пулсираат со современ ритам, за духовните светилишта, за музеите што го поврзуваат минатото со сегашноста. За винарниците, кои раскажуваат приказни во секоја капка вино, и за спортските и рекреативни дестинации што ја претставуваат Македонија како место за активен, здрав и автентичен туризам.
– Секоја страница од оваа монографија е покана и за нас, граѓаните, повторно да се вљубиме во сопствената земја, но и за сите оние што допрва ќе ја посетат Македонија, да ги почувствуваат нејзината магија, нејзините вкусови и мириси.
„Магични македонски знаменитости“ е репрезентативен подарок и за секој турист, подарок кој останува и кој инспирира враќање – додаде Љутков.