Промовирана книгата „80 години азбука и правопис на македонскиот стандарден јазик“; Делото на Блаже Конески е трајна вредност за нашиот идентитет и континуитет

22

„Овие два јубилеја – 80 години азбука и правопис на македонскиот стандарден јазик кои ги одбележуваме оваа година се непосредно поврзани со ликот и со делото на Блаже Конески. Тоа се трајни вредности за нашиот национален и културен идентитет и континуитет“, рече Атанас Конески, секретар на Културниот и едукативен центар „Небрегово“ на промоцијата на книгата „80 години азбука и правопис на македонскиот стандарден јазик“ што се одржа денеска во спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово

„Пред 80 години, на 3 мај 1945 Владата на НРМ го донесе Решението за македонската азбука што беше објавено на 5 мај 1945, па затоа овој датум е прогласен за Ден на македонскиот јазик и оваа година одбележуваме 80 години. Исто така, оваа година одбележуваме и 80 години од македонскиот правопис, усвоен на 7 јуни 1945. Овие два јубилеја се непосредно поврзани со ликот и со делото на Блаже Конески. Тоа се трајни вредности за нашиот национален и културен идентитет и континуитет“, рече Атанас Конески, секретар на Културниот и едукативен центар „Небрегово“ на промоцијата на книгата „80 години азбука и правопис на македонскиот стандарден јазик“ што се одржа денеска во спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово, а во очи на државниот празник 8 Септември – Денот на независноста на Македонија.

Како што додаде Атанас Конески, истата 1945 година издавачката куќа „Култура“ ја објавува знаменитата книга од Блаже Конески „Македонската литература и македонскиот литературен јазик“, што е, всушност, негово прво предавање што го одржал на 26 мај 1945 во тогашниот Народен универзитет.

„Оваа година Фондацијата – КЕЦ Небрегово одбележува и 3 јубилеи: 100 години од раѓањето на првиот и доживотен претседател Трајко Стаматоски; 25 години „Небрегово“ и 20 години спомен дом.  Уште една непобитна вистина е и дека спомен-домот „Блаже Конески“ во неговото родно место Небрегово станува култно и едукативно место за нашата национална култура и затоа ја истакнуваме суштинската потреба за редовни и организирани посети на домашни и странски делегации на ученици, студенти и наставници за непосредно и изворно запознавање со ликот и делото на Блаже Конески“, додаде секретарот на КЕЦ „Небрегово“.

Претставувајќи ја книгата „80 години азбука и правопис на македонскиот стандарден јазик“, Атанас Конески истакна дека во неа се поместени трудови на научни работници и професори што доаѓаат од сите универзитети, факултети и институти во државата.

Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, 13.10 1977

„Но посебна тежина има текстот за Трајко Стаматоски од Блаже Конески, ’Слово за јазикот’“, вели Атанас Конески и повторно потсети на една од најцитираните мисли на Блаже Конески: Јазикот е единствена наша комплетна татковина.

Во предговорот на книгата „80 години азбука и правопис на македонскиот стандарден јазик“, проф. д-р Максим Каранфиловски напиша дека радува фактот што преку редовните конкурси за литературни творби инспирирани од ликот и творештвото на Блаже Конески, а кои ги објавува КЕЦ „Небрегово“, а претходно Фондацијата, се привлекува импозантен број ученици, студенти и професори, како и научни работници кои пишуваат поетски и прозни творби и научни дела посветени на Конески.

„Така е и оваа година. На конкурсот во чест на 80 години азбука и правопис на македонскиот стандарден јазик се добиени 22 текста и со уште дополнителните 6 е создадена една убава целина за осмата книга од едицијата ’Македонски збор’ со околу 180 страници“, истакнува во предговорот Каранфиловски, додавајќи дека досега Фондацијата/КЕЦ „Небрегово“ во изминатите 25 години создаде две едиции: „Македонски збор“ и „Поттикот на Конески“, во кои се издадени дваесетина книги.

Инаку, во книгата „80 години азбука и правопис на македонскиот стандарден јазик“ се поместени текстови и на архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан, потоа на Даниела Андоновска-Трајковска, Иван Антоновски, Елизабета Бандиловска, Елка Јачева-Улчар, Владимир Мартиновски, Трајко Стаматоски, Соња Стојменска-Елзесер, Живко Цветковски, Емилија Црвенковска и други. Книгата завршува со повеќе прилози од сите дневни весници за бројните активности и манифестации на КЕЦ „Небрегово“, меѓу кои и на весникот ВЕЧЕР.

На промоцијата беше повторно актуализирано и прашањето за доделување на државната награда „Блаже Конески“, а се побара и поголема конкретна поддршка за активностите на КЕЦ „Небрегово“ од Министерството за култура и туризам, од МОН и од општините Прилеп и Долнени.

„Нашето континуирано барање, а сега и ургенција до претседателот на Собранието, Африм Гаши, заедно со Филолошкиот факултет ‘Блаже Конески“, е неодложно да се донесе Законот за воведување на државните награди „Блаже Конески“ и „Ремзи Несими“. Државната награда „Блаже Конески“ ќе биде врвно признание за неговиот лик и дело, како и за добитниците на наградата“, рече Атанас Конески.

Да потсетиме, на 4 март годинава во Собранието се одржа средба на која е побарано благовремено донесување на Законот за воведување на овие две државни награди, а на која присуствувале Африм Гаши, претседателот на Собранието, Никола Ѓошевски, заменик-секретар на Собранието, Атанас Конески, секретарот на КЕЦ „Небрегово“ и Весна Мојсова-Чепишевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Атанас Конески информираше и дека, на 1 јули во Собранието на истата тема и со истите аргументи била остварена повторна средба, а овој пат, покрај претседателот на Собранието, Гаши, и секретарот на КЕЦ „Небрегово“, присуствувале и Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Ваљбона Тоска, продекан на истиот факултет.

Работна средба со претседателот на Собранието Африм Гаши

По промоцијата на книгата во Небрегово, следуваше и доделувањето на наградата „Зборот на Конески“, а се одржа и традиционалната културно-туристичка манифестација „Зборот на Конески – Гајдата на Пеце“. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ