Министерот за спорт, Борко Ристовски, заедно со амбасадорот на Кралството Шпанија, Н.Е. Рафаел Сориано Ортиз, и претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, денеска во просториите на ФФМ го промовираа првиот шпанско–македонски „Фудбалски речник на Ла Лига“, изготвен во соработка со Институтот Сервантес.
На промоцијата на речникот, Ристовски истакна дека Министерството за спорт ги поддржува ваквите иницијативи кои имаат големо значење за развојот на спортот, но и за зајакнување на спортските и пријателските врски.
-Благодарност до амбасадорот на Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз кој е и мој пријател, за се она што го прави за Македонија и за зближувањето на двете држави. Фудбалот и спортот се универзален јазик, а спортистите и државите ќе имаат полза од вакви проекти кои значат проширување на пријателствата и градењето на мостови за соработка. Министерството за спорт застана зад овој проект за кој сметаме дека е почеток на една приказна која во иднина ќе донесе многу поблиски односи со нашите пријатели од Шпанија, рече министерот Ристовски.
Амбасадорт на Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз нагласи дека главната цел на амбасадата е да ги зближи двете држави и преку спортот да се истакне националниот идентитет.
-Денеска тоа го правиме со комбинирање на спортот и јазикот. Овој фудбалски речник ја признава важноста на шпанската Ла Лига и е еден начин да се истакне она што најдобро го претставува нашиот национален идентитет, а тоа се нашите јазици – потенцираше шпанскиот амбасадор.
Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ изрази задоволство од можноста да се соработува со една од најсилните пет лиги во Европа.
-Многумина во Македонија ја следат шпанската Ла Лига. Ние со задоволство даваме поддршка на овој проект. Ќе се обидеме да ги искористиме односите со нашите пријатели од Шпанија, да испратиме наши тренери и млади фудбалери на усовршување и едукација во шпанските клубови – рече Омерагиќ.
Во шпанско-македонскиот фудбалски речник се претставени сите 20 клуба во Ла Лига, тој содржи стручни термини, но и зборови од разговорниот јазик и претставува значаен ресурс за фудбалерите, тренерите и сите спортски работници. Како современа алатка за јазична и стручна поддршка, тој ќе ја унапреди комуникацијата, ќе придонесе кон подигнување на професионалните стандарди и ќе создаде нови можности за меѓународна размена и соработка.












