На сцената на Факултетот за драмски уметности – Скопје, на 17 мај, во 19:00 часот ќе се одржи промоција на петтиот роман на Ана Стојаноска – „Неколку тишини подоцна“. Промотори на романот ќе бидат професорката Лидија Капушевска-Дракулевска и писателот Владимир Јанковски, а извадоци ќе читаат Верица Ацеска, Ангела Стојановска и Филип Трајковиќ.
– Станува збор за дистописки роман, структуриран/компониран како симфонија, што е прв пат во македонската литература да се искористи ваквиот начин на структурирање на наративната мрежа. Паралелно раскажува неколку различни приказни, на неколку различни места на Земјината топка, каде што главните ликови се соочуваат со голема пандемија по короната, со крах на економскиот систем и на дигиталните валути, како и со падот на човечките заедници. Романот ја раскажува приказната низ неколку различни перспективи за да нè донесе до крајот на светот. Ликовите се носители на неколку главни топоси во процесот на зачувување на човештвото од неизбежното рушење. Како што е вообичаено тоа за жанрот, покажано е на кој начин почнува крајот и на кој начин се прават обидите не да се спречи, туку да се уништи во целост. Во романот се посочуваат улогата на фармацевтската индустрија, на големите финансиски фондови, личните приказни и улогата на дарквебот, како и една поморска приказна, која на некаков начин ги спојува сите во една. Она што го издвојува романот „Неколку тишини подоцна“ е лиричната структура и ритмичноста, која во себе намерно ја крие суровоста на светот што исчезнува – се вели во најавата за романот, кој е во издание на „Полица“.