Романот „Годините“ (2025, Илика) на француската нобеловка Ани Ерно ќе биде промовиран оваа сабота (1. ноември) во бифето на Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток од 19:00 часот. Книгата ќе ја промовираат и за неа ќе разговараат Андријана Папиќ Манчева, преведувачката на романот, Ведран Диздаревиќ, уредникот на изданието, и Катерина Шекутковска, главната и одговорна уредничка на издавачката куќа „Илика“.

Покривајќи го периодот од крајот на Втората светска војна до почетоците на 21. век, романот „Годините“ претставува длабоко нурнување во сликите на сопствените сеќавања на Ерно и обид да се прикаже врската помеѓу два речиси недофатливи ентитети: субјективното „јас“ кое живее и пишува, и објективното „таа“, врз кое историјата го втиснува својот груб печат.

Со „Годините“, Ерно воспоставува нов вид автобиографско пишување — жанр што американскиот писател Едмунд Вајт го нарекува „колективна автобиографија“. Овој пристап, истовремено субјективен и имперсонален, ја поставува авторката пред амбициозна цел: да ги прикаже животот и времињата на една цела генерација.

Ани Ерно (Лилбон, 1940) е француска писателка и добитничка на Нобеловата награда за литература во 2022 година, за „храброста и клиничката острина со која ги открива корените, отуѓувањата и колективните ограничувања на личната меморија“. Во текот на повеќе од педесет години творештво, Ерно објавила повеќе од дваесет книги и оставила силно влијание врз новите генерации француски автори.

ИЗДВОЕНИ