четврток, јуни 4, 2026
Дома КУЛТУРА Промоција на „Ништо нормално“ – новата збирка раскази на Симона Јованоска во...

Промоција на „Ништо нормално“ – новата збирка раскази на Симона Јованоска во МКЦ

53

„Ништо нормално“, збирката раскази од Симона Јованоска, која неодамна излезе од печат, во издание на издавачката куќа „Или-или“, ќе се промовира на 2 април со почеток во 20:00 часот, во Галеријата на МКЦ. Низ разговор со авторката книгата ќе ја промовира писателот Иван Шопов.

Збирката содржи дваесетина раскази во чиј фокус е малиот човек, неговите лица, маски, преобразби, но и желби, стравови, (не)сигурност… Со ширината на имагинацијата за градење нови светови, преку вешто изградените впечатливи ликови, ситуации и приказни, овие раскази многу умешно пипкаат секаде каде што нè боли, и како поединци и како општество.

– Малиот човек, всушност, се соочува со сите предизвици што ги носи животот, од најинтимните лични борби до пошироките општествени притисоци. Тоа се и видливи и невидливи конфликти, кои често се одвиваат тивко, внатре во нас – вели во неодамнешниот разговор за весникот ВЕЧЕР Јованоска за својата нова книга.

Прашана, пак, што, всушност, нè боли најмногу и со кои проблеми секојдневно се соочува малиот човек, таа вели, нè болат несигурноста, стравот од иднината, но и чувството на немоќ пред системите што нè надминуваат.

– Во исто време, тука се и желбите, надежите и потребата за смисла и припадност. Токму во тие пукнатини меѓу личното и колективното се раѓаат приказните во збирката – додава Јованоска.

Во расказите на книгата именувана како „Ништо нормално“ авторката го испитува и значењето на зборот „нормално“. Во време кога не се знае што е нормално, а се чини дека ништо не е нормално, Јованоска вели дека насловот ѝ дошол сосема спонтано.

– Речиси сам од себе и веднаш почувствував дека е вистинскиот. Мислам дека многу точно го отсликува духот на времето во кое живееме, кога постојано се поместуваат границите на „нормалното“ – додава таа.

Инаку, Јованоска во 2015 година ја објави дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“ („Или-или“). Во 2019 година ја доби втората награда на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“, за расказот „Последниот кат“, а во 2022 година беше првонаградена за расказот „Кажи му на кучето“. Таа стана позната за пошироката книжевна јавност по свовјот дебитантски роман „Денот на црвот“ („Или-или“), прогласен за „Роман на годината“ за 2021 година од Фондацијата „Славко Јаневски“, кој е преведен и на бугарски, српски и на хрватски јазик. Во 2022, во издание на „Чудна шума“, ја објави книгата за деца „Градот Вабу и потрагата на Нави“, а во 2024 година излезе и нејзиниот втор роман, „Леска Брезоска“ („Или-или“). Јованоска (р. 1985, во Гостивар) од 2024 е член на Друштвото на писателите на Македонија.

ИЗДВОЕНИ