„Цреша“ е насловот на најновиот роман на македонскиот писател Александар Кукулев, чија промоција ќе се одржи на 13 јуни, во фоајето на Театарот „ЈХК Џинот“ во Велес, со почеток во 19 часот. Промотори на книгата се Огнен Неделковски, д-р Елена Карева Пиловска и Славица Митровска, а модератори Весна Димитрова-Бобевски и Кире Ацевски. Промоцијата е во рамки на манифестацијата „Рацинови средби“.

-Романот „Цреша“ е современа животна приказна за трагедијата на едно македонско семејство, но истовремено е и роман за Македонија, повеќе од некои дела кои претенциозно тргнале со намера тоа да станат и да останат. Кукулев на суптилен начин зборува за македонското прашање, вешто вткајувајќи го во срцевината на неговата приказна. Една од најсилните сцени што сум ги прочитал во мојот живот е онаа во романот на Кукулев кога двајцата роднини по многу години ја истураат земјата од Бугарија и Грција во дворот на баба Ники… Со таа трогателна сцена е раскажана целата македонска историја во неколку страници, вели за романот промоторот Огнен Неделковски, магистер по драматургија и писател.

Посочува и дека романот „Цреша“ е возбудливо и повеќеслојно дело кое се чита во еден здив.

-Танцувајќи по нотите на едно старо проклетство, авторот создал моќна животна приказна, со полнокрвни ликови кои се борат за секој свој здив. Во романот се испреплетуваат двете вечни теми: љубовта и смртта. Ерос и Танатос. Секој од нив влече на своја страна и буквално ги растргнува ликовите во романот, кои само посакуваат да сакаат, да бидат сакани и среќни. А за возврат го добиваат само суровиот камшик на судбината, со кој за секунда се рушат сите нивни соништа, желби и планови. Луцидниот начин на раскажување на Кукулев вешто плови низ океанот на емоции, релации, влијанија, контра влијанија и чувства на малкуте ликови, кои се избрани да ја раскажат својата тажна приказна, но и приказната на многу луѓе кои биле принудени да бидат откорнати од својата родна почва. Токму како и црешата на Кукулев, додава Неделковски.

Објаснувајќи за романот, авторот Кукулев, пак, вели дека кога го напишал првиот ред од „Цреша“, не знаел каде ќе го одведе приказната.

-Само чувствував – длабоко, искрено, тивко – дека оваа приказна мора да се раскаже. „Цреша“ е мојот четврти роман, но носи нова боја, поинаков вкус – можеби поблаг, можеби поболен, но секогаш човечки. Напишан е со љубов, со прашања што сè уште болат, со надеж која не сака да се откаже. Ако моите претходни книги ви прозбореа – макар и со шепот – се надевам дека и оваа ќе ви пронајде делче од душата, посочува Кукулев.

-„Цреша“ не е роман. Тоа е рана што пее. Има книги што ги читаш, и книги што те читаат. Оваа – те гледа. Со погледот на оној што одамна престанал да очекува спас, но сѐ уште верува дека тишината може да љуби. Не ја читав „Цреша“ со очи. Ја читав со кожа. Со рацете што го знаат студот на бетонската плоча во подрум каде што детето што никогаш не плаче – сонува цреши. Со тишината што те држи за гуша, но нежно, како мајка што не знае како да те прегрне, па само седи крај тебе и дише, напиша за романот промоторката Славица Митровска, поетеса. (Н.И.Т.) 

ИЗДВОЕНИ