Промоција на книгата „Калиграфи на филмското писмо“ од Влатко Галевски

14

Во рамки на шестото издание на „Флипбук филм фестивал“, во Кинотеката на Македонија, на 9 август, со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи промоцијата на новата книга на Влатко Галевски, со наслов „Калиграфи на филмското писмо“. Книгата во разговор со авторот ќе ја претстават Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков.

Филмофилското издание на Галевски понудува иновативен филмолошки концепт во толкувањето на делата на дванаесет мајстори на филмскиот занает како: Вим Вендерс, Жак Тати, Рој Андерсон, Шантал Акерман, Ингмар Бергман, Ањес Варда, Андреј Тарковски, Бела Тар, Дејвид Линч, Акира Куросава, Ларс фон Треир и Аки Каурисмаки.

„Структурата на ‘Калиграфи’ е приспособена на триетапниот приод на Галевски во разоткривањето на творечките лавиринти кај секој од одбраните режисери. Во првата етапа тоа е преку есеизираниот портрет на режисерот, во втората, насловена како ‘Референца’, совпаѓањето на неговата филмска постапка со мајсторството во определен занает, во третата етапа замислената случка (поткрепена со неколку вистински факти) се пишува во облик на сосем лична мини проза, фикција во која режисерот е лик. Така, се воспоставува едно фино струење во ракописот на Галевски, една движечка низа од изненадувања, што ‘Калиграфи’ го дарува со ритам што отвора различни димензии“, објаснува рецензентот на изданието, писателот Александар Прокопиев.

Монографијата „Калиграфи на филмското писмо“ од Влатко Галевски во издание на издавачката куќа „Флип Бук Букс“ е поддржана од Министерството за култура и туризам. Нејзини уредници се Жарко Иванов и Дарин Ангеловски, лектурата е на Татјана Б. Ефтимоска, а графичкото уредување на Симчо Шандуловски.

Влатко Галевски е филмски критичар и новинар од областа на културата. Автор е на книгите „Фацерија“ и „Исповедни финеси“, како и продуцент , кинематографер и коавтор на музика на долгометражниот игран филм „Маклабас“. Член е на македонската асоцијација на ФИПРЕСЦИ.

ИЗДВОЕНИ