На зелениот покрив на Домот на градежниците, односно ЈУ Домот на културата „Кочо Рацин” – Скопје, в сабота на 14 јуни во 19 часот, ќе се одржи интерактивна промоција на интерактивната книга „Еден маж и една жена или како љубовта раздвојува светови. Интерактивна збирка поезија за креативно читање и креативно пишување” на Елена Пренџова. Рецензенти на книгата се Владимир Мартиновски и Венко Андоновски, а на промоцијата книгата ќе ја претстави Владимир Мартиновски. Бидејќи станува збор за интерактивна книга, и промоцијата е замислена како интерактивна и како еден вид работилница на која публиката ќе земе активно учество интерпретирајќи и пишувајќи поезија која ќе биде споделена онлајн за време на настанот.
„’Еден маж и една жена или како љубовта раздвојува светови. Интерактивна збирка поезија за креативно читање и креативно пишување’ има ретко инвентивна и нестандардна структура. Првиот дел е авторска збирка ‘љубовна, интимистичка поезија’ наменета за ‘интимно, самотно читање’“. Но вториот дел од книгата на читателот му нуди упатства за можно (наглас) читање, изведување и толкување на песните, со што читател(к)ите суптилно се покануваат и се вклучуваат во една херменевтичка авантура, која има и инструктивна димензија, бидејќи од авторката се понудени и маркери за интерпретација на поетските текстови. Со третиот дел стихозбирката на Елена Пренџова, која е високовреднувана во рамките на конкурсот за необјавена поетска книга ‘Антево перо’ за 2020 (влегувајќи во најтесниот избор за наградата), прераснува во една мошне оригинална платформа за потенцијална поетска работилница. Во интерактивниот дел од книгата се поместени 18 задачи упатени до читателот, со детални упатства и назнаки за креативно пишување…“, вели Владимир Мартиновски.