Промоција, изложба и дружба, ќе се одржи на 29 мај (19.30 ч.), во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп. Станува збор за промовирање на најновата книга, „Часовник без часови“, од д-р Владимир Мартиновски, професор и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, која ќе биде придружена со слики кои се инспирирани од песните во книгата. Промотор на настанот е Александар Еленин. „Часовник без часови“ е сонетен венец со 15 сонети – всушност, четиринаесет и петнаесеттиот магистрал без акростих.
„Сонетниот венец почнав да го пишувам во Охрид, што може да се забележи и во самите стихови – во нив има нешто охридско, медитеранско… Го заокружив минатото лето во Авињон, каде што, иако престојував многу кратко, едноставно имав инспирација токму таму да го завршам. Секој од сонетите има наслов, што е атипично за сонетен венец. Секоја песна е некој „час“: час по молчење, час по слушање, птичји час… Тука станува збор за часови што немаат точно определено време, часови што не може да се измерат со часовник. Насловот „Часови без часовник“ укажува токму на тоа излегување од стегите на времето…“, вели Мартиновски. Во ова ретко библиофилско издание, текстот се прелева со живописни дигитални графики – создавајќи поетско-визуелен универзум што ве повикува да читате со сите сетила, велат од издавачката куќа „Арс Ламина“, чие издание е оваа книга.