Стотина промоции на најнови изданија, средби и разговори со домашни, но и автори од странство, ќе се случуваат годинава на Саемот на книгата во Скопје што ќе се одржува во СЦ „Борис Трајковски“ од 8 до 14 мај. Од организаторот, за 37. издание најавени се 65 издавачи кои ќе се претстават со штандови, од кои најголем дел се од Македонија
Саемот на книгата годинава ќе се одржи од 8 до 14 мај по 37. пат во Скопје, а како и во последните неколку години е лоциран во СЦ „Борис Трајковски“. Во седум дена посетителите ќе можат да ги посетат штандовите со книги од домашни и странски автори од над 65 издавачи, кои ќе излагаат оваа година, од кои најголем дел се од Македонија, а ќе можат присуствуваат и на околу стотина промоции. Мотото на Саемот на книга 2025 е „Храна за душа“.
И оваа година, Саемот на книга ќе понуди богата програма за деца и млади, а ќе бидат организирани и специјални посети за најмладите љубители на книгата од основните и средните училишта, а национално претставување ќе има Србија преку Министерството за култура на Србија.
Дел од македонските издавачи веќе ги најавија своите активности на Саемот.
Издавачката куќа „Аз-Буки“, која годинава обележува важен јубилеј, 25 години постоење и издаваштво на македонски јазик, ќе учествува на Саемот на книгата.
– Повеќе од 150 објавени дела, организирани во неколку едиции, го сочинуваат нашето духовно здание, создадено во изминативе две и пол децении со силите на стотина истакнати автори, преведувачи, лектори и уредници. Голем дел од изданијата на „Аз-Буки“ се значајни наслови од светското културно и интелектуално наследство — во нив се препознаваат некои од главните контури на историскиот развој на човековиот поглед кон себе и кон светот. Еднакво место има и обемниот корпус изданија од домашни автори зафатени со битни теми, проблеми и домени кои имаат првенствено филозофски карактер. Препознатливата едиција „Филозофија“, едицијата „Филозофски дисциплини“, историската едиција „Еони“, критичко-теориската едиција „Единаесеттата теза“, повеќе од триесет броеви на списанието „Филозофија“… сочинуваат целина во која јасно се одразува карактерот на издаваштвото „Аз-Буки“. Наслови од споменатите едиции ќе бидат достапни на Саем на книгата, посочуваат од „Аз-Буки“.
На Саемот ќе се претстави и издавачката куќа „Сакам книги“. Во година кога слави 15 години и речиси 500 изданија, „Сакам книги“ го носи во Скопје еден од најголемите современи автори на психолошки трилери – Себастијан Фицек.
-Овој мај, Фицек ќе биде специјален гостин на Саемот на книга 2025, каде што на 10 мај ексклузивно ќе ги претстави своите две нови книги преведени на македонски: „Девојката со свеќа“ и „Мимики“. Настанот вклучува и лична средба со читателите, потпишување, разговор и инспирација – историски момент за македонската книжевна сцена и заслужена награда за верната читателска заедница, посочуваат од „Сакам книги“.
И издавачката куќа „Македоника литера“, по неколкугодишна пауза, годинава ќе учествува на Саемот на книгата 2025.
–На штандот на „Македоника литера“ ќе бидат понудени над 600 наслови од областа на белетристиката (домашна и преведена), литературата за деца, драмската литература, историографијата, книжевната теорија, книжевната и културната историја, лингвистиката, филозофијата (посебно старокинеската)… Ќе биде понуден богат избор, добар квалитет и пристојни цени, истакнуваат од „Македоника литера“.
На Саемот „Македоника литера“ ќе организира и три промоции на нови книги: на 8 мај, во 18 часот ќе се одржи промоција на две нови книги на Ѓоре Ѓелев: „Човекот без сенка“ (раскази) и „Љубовен бележник“ (поезија). Промотор ќе биде Васил Тоциновски; на 9 мај, во 11 часот, е планирана промоција на најновата книга на Киро Донев – романот „Дневникот од штрковото гнездо“, промотор Нове Цветаноски; а на 12 мај, во 13 часот ќе биде промовирана книгата раскази „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ од Марина Димитриева-Ѓорѓиевска, чиј промотор ќе биде Ранко Младеноски. На 9 и 10 мај, од 11 до 14 часот, гостин на штандот на „Македоника литера“ ќе биде Киро Донев, кој за читателите ќе потпишува свои книги.
Под слоганот „Храбри нови приказни“, и издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе биде дел од 37. Саем на книгата. -Штандот, инспириран од книгата „Се викам Храброст“ ќе понуди повеќе од 1.000 наслови: детска литература, белетристика, популарна психологија, стручна литература, книжевни класици. „Арс Ламина“ ја збогатува домашната книжевна сцена со повеќе од 100 нови изданија и нуди богата програма со средби со автори, инспиративни настани и креативни работилници за деца. Книгите ќе бидат подостапни за сите граѓани преку попусти до 80 %, како и со специјални понуди на книги за 50, 100 или 200 денари, соопштуваат оттаму.
Програмата на „Арс Ламина“ почнува на 9 мај во 10 часот со работилницата за деца од предучилишна возраст „Мали умни глави“, по што следува интерактивен настан за ученици од основните училишта, инспириран од книгата „Се викам Храброст“. На 9 мај, во 18 часот ќе се одржи настанот „Книжевноста во одбрана на слободата“, со авторите Моџо Килингтон и Иво Митев-Жиле. Моџо ќе го потпишува новиот партизански роман „СФ-СН“, а Жиле „73 дена“, за патувањето на бродот „Галеб“ на Тито. На 10 мај во 12 часот е организирана средба со популарниот автор Зоран Спасов Ѕоф, кој ќе го потпишува романот „И јас сум Сирма“. Во 14 часот, читателите ќе имаат можност да се сретнат со еминентните македонски писатели Владимир Мартиновски (кој ќе го потпишува сонетниот венец „Часови без часовник“) и Владимир Јанковски – добитник на наградата „Пегаз“ за 2024 година за романот „Ехото на акробатите“. На 11 мај во 16 часот ќе се одржи книжевно-музички настан во чест на роденденот на славниот музичар Ѓорѓе Балашевиќ. Посетителите ќе се потсетат на неговото богато творештво преку биографската книга „Панонскиот адмирал“ од Иван Ивачковиќ, а специјален музички избор од неговата дискографија ќе подготви познатиот новинар и диџеј Драган Б. Костиќ. Во 18 часот, пак, е закажана дружба со фудбалската легенда Дарко Панчев и авторот и спортски новинар Зоран Михајлов, кои ќе ја потпишуваат авторизираната биографија „Дарко Панчев“. Меѓу останатите активности, на 13 мај ќе има и работилница за најмладите инспирирана од книгата „Нови бајки од Македонија“, на која децата ќе ги цртаат омилените ликови од бајките.
Саемот на книга во Скопје ќе може да се посети од 10:00 до 20:00 часот. Редовната влезница е по цена од 100 денари, за организирани посети на ученици е 50 денари, а за три посети – 250 денари. Влезот е бесплатен за деца до 12 години во присуство на родител.
„Пред нас е 37. издание на оваа вредна и долготрајна книжевна и општокултурна манифестација, која го обединува целиот културен свет на едно место – читателите (сегашни и идни), писателите, професионалците и сите допрени од магијата на книгите. Како сведок на голем број изданија на Саемот, горд сум што оваа манифестација опстојува – но и се развива, покрај сите предизвици, а со тоа ги одржува и духот и културата во градот и во државата, го чува и возвишува светот на книгите, светот на смислата и убавината, светот на приказните што го прават животот поубав”, изјави претходно Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи и Извршен директор на Издавачки центар „Три“.
Жарко Кујунџиски од „Антолог“, пак, додава дека Саемот на книга секоја година претставува исклучителна можност за блиска средба меѓу издавачите, авторите и читателите и простор каде што книгите ја добиваат својата вистинска вредност – преку разговори, препораки, интеракција и заедничко уживање во литературата. (Н.И.Т.)