Прометот во индустријата, вкупно, е зголемен за 1,8 проценти во март годинава во однос на март минатата година, објави Државниот завод за статистика.
Во март годинава во однос на февруари годинава прометот во индустријата, вкупно, е зголемен за 9,1 процент, а во првиот квартал од годинава споредено со тој период лани – за 2,9 проценти.
Во вкупниот промет, во март годинава во однос на март лани има зголемување од 5,3 проценти кај производството на прехранбени производи и од 8,8 проценти кај производството на метали, додека е регистриран пад од 10,7 проценти кај производството на машини и уреди, неспомeнати на друго место.
Прометот во индустријата, вкупно, во март годинава во однос на март минатата година, според главните индустриски групи, забележал пораст кај интермедијарните производи, освен енергијата, за 4,9 проценти; кај трајните производи за широка потрошувачка за 0,6 проценти и кај нетрајните производи за широка потрошувачка за 2,1 процент, а е забележано опаѓање кај капитални производите, за 0,1 процент.
На домашниот пазар имало пад од 7,1 отсто на прометот во индустријата во март годинава во однос на март лани, а за 4,4 проценти на квартално ниво, во периодот јануари – март 2025 година во однос на периодот јануари – март 2024 година.
На странските пазари имало пораст од 3,4 проценти во прометот во индустријата во март 2025 година во однос на март 2024 година, а за 4 проценти – во првиот квартал од годинава споредено со тој период лани.