Бруто домашниот производ на Црна Гора порасна за 3,5 проценти во вториот квартал од оваа година, а за прв пат во пресметката на БДП е вклучен и проценетиот промет од нелегални активности, имено трговија со дрога и проституција, објавува подгорички „Вијести“.
Проценетиот промет од овие активности за 2024 година изнесуваше 0,1 процент од БДП од 7,64 милијарди евра, што е 7,6 милиони евра.
Владата на Црна Гора очекуваше раст од 4,8 проценти во својата фискална стратегија оваа година, но подоцна ги коригираше проценките на 3,5 проценти, додека планот за приходи за оваа година остана во согласност со претходно повисоката стапка на економски раст.
Монстат во среда објави ревидирани податоци за БДП за периодот од 2006 до 2023 година во согласност со методологијата на ЕСА 2010, со што ги исполни овие обврски од Поглавје 18 Статистика во процесот на пристапување кон Европската Унија една година порано.
Ревизијата за претходните години, како и проценката на БДП за 2024 година, вклучува проценки за легални активности кои често остануваат непријавени, како што се приватни часови, бакшиши, платени услуги во домаќинствата и недоволно пријавување на приходи, како и нелегални активности како што се трговија со дрога и проституција.
Првичниот план беше ревизијата да се спроведе во 2026 година, но со одлука на Владата на Црна Гора, ревизијата започна порано бидејќи беза забрзани активностите за затворање на преговарачкото Поглавје 18 – Статистика.












