ПРОМЕНИТЕ ВО ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК НЕ СЕ НИ СПОМЕНАА НА ДЕНЕШНАТА КООРДИНАЦИЈА ВО СОБРАНИЕТО: Независните сè уште без решение, ќе чекаат ли прво пратениците да се вратат од плажа?

21

Ако не се најде до крајот на месецов, тогаш барањето на решението за учеството на независните кандидати на локалните избори ќе се договара кон крајот на август, по летниот одмор на пратениците. Односно, правилата ќе се дефинираат пред самите локални избори кои претходно ќе бидат распишани во првите десет дена од август. Ова денеска го најави парламентарниот спикер Африм Гаши на брифингот со новинарите по редовната понеделничка средба на координаторите на пратеничките групи.

– Тоа прашање никој не го отвори на средбата. Ние сакаме да се најде решението. Сегашниот предлог кој беше утврден со поддршка од поголемите партии, без ДУИ и Левица, не може уште да помине во Собранието оти не се исполнети условите да се изгласа законот. Ако има услови, ние би го изгласале до 31 јули, но ако не се постигне решение тогаш ќе се обидеме по одморите, кон крајот на август да го решиме – објасни Гаши.

Тој повтори дека локалните избори планира да ги распише во првите десет дена од следниот месец.

Пратениците од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ минатата недела имаа средба со претставници на повеќе граѓански организации на која им најавија дека ќе се бара решение за нивното незадоволство околу новопредложените услови за нивни кандидатури за градоначалници и советници. Според предлогот, потребниот број потписи ќе се определува зависно од бројот на населението во некоја од општините. Па така, за општини со број на гласачи: до 10.000 – независните ќе треба да соберат најмалку 100 потписи, а за град Скопје – најмалку 3.500 потписи од граѓаните запишани во Единствен избирачки список. Но, овој предлог не го прифаќаат независните кандидати, а тој сè уште не поминува во македонското Собрание поради неможноста да се задоволи Бадентеровото правило.

Претставниците на независните кандидати кои учествуваа на средбата соопштија дека на неа немало резултат.

– Ништо конкретно не се постигна. Ни беше соопштено дека ќе гледаат да најдат некое решение, кое патем, ни нагласија дека може и да не ни се допадне. Некаде кон крајот на идната недела или таа потоа, што е буквално пред да заминат на колективен одмор и пред да се распишат изборите. Нè оставаат во целосна неизвесност до самиот крај. Што е крајно некоректно и безобразно – соопштија тие.

Со ваквиот развој на настаните не се исклучува ситуацијата во која ќе нема законска регулатива за учеството на независните кандидати на локалните избори. Поради тоа, граѓанските организации, меѓу другото, бараат и автентично толкување на сегашната состојба на Изборниот законик, за да се утврди под кои услови може да настапат. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ