Промена во планот за електричните возила: ЕУ попушти под притисокот

147

Европската комисија вчера ги олабави правилата за забрана на автомобили со внатрешно согорување од 2035 година, напуштајќи го претходниот план дека сите нови автомобили мора од споменатата година да бидат електрични.

Овој потег на извршната власт на ЕУ дојде по притисокот од европските производители на автомобили и претставува најголемо назадување во „зелените политики“ на блокот последниве години.

Предлогот сè уште треба да биде ратификуван од европските влади и Европскиот парламент.

ЕК очигледно попушти пред барањата на автомобилската индустрија, особено Германија и Италија, кои се борат да го одржат чекорот со конкуренцијата од американска „Tesla“ и кинеските производители на електрични автомобили.

Според новиот предлог, производителите на автомобили ќе мора да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид за 90 отсто, наместо 100 отсто до 2035 година. Ова значи дека 90 отто од возниот парк на секој производител на автомобили ќе мора да биде електричен, односно со нулти стапки на емисија, а другите десет отсто ќе мора да ги компензираат со користење на челик произведен во ЕУ со ниски емисии на јаглерод диоксид или со користење на е-горива и биогорива.

Ова ќе овозможи плагин хибридите, благите хибриди, автомобилите со мотори со внатрешно согорување да продолжат да се произведуваат и по 2035 година.

Дел од зелениот план

Регулативата на ЕУ, усвоена во 2023 година како дел од „Зелениот план“, постави цел дека од 2035 година сите новорегистрирани автомобили ќе бидат со нулта емисија, односно електрични. Ова наиде на голем отпор од европските производители на автомобили, особено во Германија.

ЕК сака да го поттикне производството на мали, достапни електрични автомобили, со должина до 4,2 метри. За таа цел, предлага секој таков автомобил произведен во ЕУ да не се смета како едно возило, туку како 1,3 возила. На овој начин, производителите на автомобили полесно ќе ја достигнат целта од 90 отсто од нивните автомобили со нулта емисија.

ЕК предлага од 2030 година, земјите-членки да обезбедат одреден дел од автомобилите што ги обезбедуваат компаниите на своите вработени да бидат електрични. Позитивен пример е Белгија, која веќе некое време има закон со кој се бара сите такви автомобили да бидат електрични, а денес 52 отсто од возниот парк во сопственост на компаниите е електричен.

ИЗДВОЕНИ