Над 80 млади шахисти од земјава и од странство ќе учествуваат на третото издание на пролетниот турнир на младинскиот шаховски фестивал „Езерска кралица 2025“, кое ќе се одржи в недела, во Струга.
Како што информира директорот на турнирот, Ѓоко Котески, натпреварувачите ќе бидат поделени во четири групи: од 8, 10, 12 и од 16 години. Тој посочи дека е предвидено да се игра по швајцарски систем од шест кола, со темпо на игра 10+5. Момчињата и девојчињата ќе играат заедно, а наградите за освоените места ќе се даваат одделно.
– Освен најдобрите младинци од Македонија, на пролетниот турнир свое учество пријавија и националните младински шампиони од Албанија, што го прави овој турнир доста посилен и поквалитетен – изјави Котески.
Тој додаде дека за оваа година се планирани неколку турнири во рамките на фестивалот „Езерска кралица“, а со овој што ќе се одржи в недела ќе биде означен почетокот на турнирите за годинава.
– Се гордеам што станаа турнирите „Езерска кралица“ препознатливи во регионот и пошироко. Тоа се должи на нашите посветеност и професионалност – истакна Котески.
Тој очекува квалитетни партии, децата да се дружат, да се забавуваат и сè да помине во најдобар ред.