Храна со поминат рок, прелепени етикети на храната чиј рок на траење е прикрај, несоодветно декларирани производи, производи без декларација, храна со несоодветен квалитет… се само дел од измамите што се прават од трговците. Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека измамите со храна се во пораст и претставуваат предизвик како за регулаторните органи така и за потрошувачите. Измамата, која е првенствено економски мотивирана, може да предизвика сериозни здравствени проблеми, на пример, кога се вовлекуваат недозволени супстанции или недекларирани алергени во синџирот на исхраната.
Оттаму додаваат дека сите измами со храна имаат штетни ефекти за интегритетот на производот, довербата на потрошувачите, бизнисот и пазарот.
– Доколку се соочат со измами, потрошувачите се јавуваат кај нас и ние алармираме до Агенцијата за храна и ветеринарство за кој производ и за кој продажен објект се работи и оттаму излегуваат на терен. Инспекциските органи ја повлекуваат таа пратка и изрекуваат казни за операторот со храна или одлучуваат да го затворат објектот. Освен храна со изминат рок, потрошувачите реагираат и за прелепени етикети. Во овој случај, информациите за храната се прикриваат и се ставаат други информации со цел да се измами потрошувачот и да се оствари профит на нечесен начин – изјави Маријана Лончар-Велкова за весникот ВЕЧЕР.
Ако е храната небезбедна, преку системот за брзо известување, РАСАФ, веднаш добиваме информации. Притоа, се спречува да се најде во маркетите храна со поминат рок, со изменети својства, со повеќе пестициди од дозволеното и да го загрози здравјето на граѓаните.
– Без разлика дали се работи за домашна или увозна, се контролира целосно. И кај увезената храна може да има прелепени етикети на храната чиј рок на траење е прикрај, несоодветно декларирани производи, храна со несоодветен квалитет… Потрошувачите треба да ги читаат етикетите и задолжително да го гледаат рокот на траење. Доколку го купат производот и дома забележат дека е поминат рокот на траење, може да го сликаат производот и да пратат слика во ОПМ, потоа ние алармираме до АХВ – вели Лончар-Велкова.
Од ОПМ велат дека и разликата во квалитет на бренд- производите како што се чоколадата „милка“ или „нутелата“, некои видови детергенти… на земјите кои не се членки на ЕУ е измама, која е казнива со закон. Но, откако наиде ваквата практика на низа реакции, официјален Брисел ја смени директивата. Сега, и во нашиот Закон за заштита на потрошувачите, во делот за нечесни трговски практики, се додаде ваква одредба. Така што сега, кај нас, пазарот е заштитен од вакви практики, но треба да се контролира тоа.
Од ОПМ велат дека тоа се контролира на тој начин што се земаат исти производи од земјите што се членки на ЕУ и се споредуваат дали се со ист квалитет со оние што се продаваат кај нас.
Тања Тасевска, правен советник во ОПМ, вели дека доколку потрошувачите наидат во маркетите на производ со поминат рок, оштетено пакување, несоодветно деклариран… треба да се види дали се чувал соодветно, дали е соодветно транспортиран, од каде е набавен…
– До нас пристигнуваат поплаки за поминат рок, оштетено пакување, производи со послаб квалитет од декларираниот… и ние ги известуваме инспекциските органи. Инспекциските органи треба да ги проверуваат овие работи на терен и да утврдат дали производите што се пакувани се македонски или не, како во случајот со оризот. Значи, инспекциските органи се тие што треба да утврдат дали се работи за измама или за друга нечесна трговска практика – вели Тасевска.
Инаку, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, минатата недела, при спроведена вонредна контрола кај оператор со храна, запленија и нештетно уништија приближно 37 тони храна, јаткасти плодови, зрнести и мешункасти производи и разни зачини без декларации, на кои рокот на употреба им истекол пред една- две години. За сторениот прекршок, на операторот му е изречена мерка времена забрана за работа и глоба, како и наредба за отстранување на утврдените недоследности со надзорот.
АХВ спроведе вонредни контроли и кај други оператори со храна: месарници, ресторани, сендвичарници, маркети. Притоа, поради утврдени недоследности: нерегистрирани оператори со храна, неспроведени задолжителни обуки на вработените за безбедноста на храната, пуштање во промет небезбедна храна… на операторите со храна и на нивните одговорни лица им изрече парични казни, но и времена забрана за вршење дејност. Беа издадени и наредби за отстранување на утврдените недостатоци со контролите, а затечената небезбедна храна беше нештетно уништенa.
(А. С.)












