Во организација на Општинскиот сојуз на спортови, во Битола по 62. пат се одржа манифестацијата „Избор на најдобри спортисти и екипи на Битола“ за 2025 година. Уште еднаш беше потврдено дека градот под Пелистер со право го носи епитетот „град на спортот“.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, потенцираше дека спортот ја имал, ја има и ќе ја има поддршката од локалната самоуправа. Тој информираше за тековните подготовки за изградба на мултифункционален спортски комплекс, атлетска патека и борилиште на стадионот „Петар Милошевски“, како и за изградба на центар за спорт и рекреативни активности. Информираше дека е во тек реконструкција на спортската сала во Бистрица, како и изградба на три типски училишни спортски сали и на повеќе училишни спортски игралишта.
– Наша задача е да се грижиме и да инвестираме во спортот, и го правиме тоа. Како лекар велам, со спортот се бориме против здравствените проблеми и пороците. Битола е најспортскиот град во Македонија – истакна Коњановски.
Во рамките на свеченоста беа доделени награди за посебни заслуги во образованието, пехари за победниците на трката „Четврти ноември“, како и признанија за најуспешните училишта во спортските активности. Пехари и дипломи добија најдобрите млади спортисти, петтемина најуспешни младинци и најдобрата младинска екипа, како и добитниците на јубилејни и специјални признанија.
Во конкуренција на сениорските екипи, третонаградени беа одбојкарскиот клуб „Пелистер волеј“ и пинг-понг клубот „Пелагонија“, второнаграден е КК „Пелистер“, додека првонаграден е ракометниот клуб РК „Еурофарм Пелистер“.
По изборот на најдобрите екипи, следуваше прогласувањето на десеттемина најдобри спортисти на Битола за 2025 година. Третонаградена е Леа Бошевска од кик-бокс клубот „Самурај“, второнаграден е Никола Митревски од РК „Еурофарм Пелистер“, а првонаградени се Ален Рустемовски од боксерскиот клуб „Пелистерски јунак“ и Филип Кузмановски од РК „Еурофарм Пелистер“.
На свеченоста му беше доделена плакета на семејството на Зоран Петковски, како признание за неговиот придонес во спортот.












