– Концертот насловен „Tајмлес“ ќе донесе безвремено музичко патување исполнето со емоции и магија, спектакл под свеќи што ќе ги воодушеви љубителите на класичната музика. Успеавме заедно со ансамблот да реализираме програма што ќе понуди нешто навистина специфично за нашата публика. Станува збор за програма што е доста сензитивна, емотивна и, пред сè, атрактивна – вели директорот на фестивалот „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски

Во организација на „Охридско лето“, на 29 ноември, со почеток во 20:00 часот, во големата сала на Македонската филхармонија ќе се одржи концерт на камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестро Ѓурѓица Дашиќ, а на кој како солист ќе настапи виолончелистот Петар Пејчиќ, еден од најголемите таленти на својата генерација.

Концертот, кој е дел од оф-програмата на најпрестижниот македонски уметнички фестивал „Охридско лето“, ќе се одржи во препознатливата кендлајт (candlelight) атмосфера, односно под светлината на илјадници свеќи – амбиент што прерасна, насекаде во светот во современ симбол на интимното, емотивното и на визуелното импресивно музичко искуство. Притоа, публиката ќе има можност да ужива во внимателно селектирана програма што ги спојува контемплативната минималистичка естетика на Филип Глас преку свитата од филмот „The Hours“, драматичната експресивност и виртуозност на Поперовата Унгарска рапсодија оп. 68, како и елеганцијата, духовитоста и романтичната длабочина на Чајковски и неговите рококо варијации, создавајќи заедно музичка целина исполнета со динамика, суптилна емоција и со беспрекорна артистичност, идеална за свечениот кендлајт амбиент.

– Концертот насловен „Tајмлес“ ќе донесе безвремено музичко патување исполнето со емоции и магија, спектакл под свеќи што ќе ги воодушеви љубителите на класичната музика. Успеавме заедно со ансамблот да реализираме програма што ќе понуди нешто навистина специфично за нашата публика. Станува збор за програма што е доста сензитивна, емотивна и, пред сè, атрактивна – вели директорот на фестивалот „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

За диригентката Дашиќ, голема чест е што фестивалот „Охридско лето“ токму на „Профундис“ му ја доверила премиерата на оф-програмата во Скопје.

– Верувам дека овој концерт ќе биде особен не само по атмосферата туку и по начинот на кој ќе прозвучи музиката: искрено, концентрирано и со длабока намера. Нашата цел е да создадеме простор каде што звукот и светлината ќе бидат во совршен дијалог, а публиката ќе ја почувствува онаа тивка, но моќна магија што ја прави музиката неповторлива – изјави маестро Дашиќ, диригент на „Профундис“.

Петар Пејчиќ е млад и исклучително талентиран виолончелист, кој веќе со години го привлекува светското внимание со своите виртуозност, музикалност, неверојатна техника, сценски изглед и харизматична изведба. Неговите успешни настапи на некои од најголемите светски сцени го поставуваат како еден од најврвните уметници на својата генерација. Пејчиќ е награден на неколку престижни меѓународни натпревари, вклучувајќи го Вториот меѓународен натпревар на Кралицата Елизабета, и е дел од програмите на престижни академии и фондации. Изведува дела од најголемите композитори со исклучителна техника и со емоционална длабочина, создавајќи неповторлива музичка атмосфера, која ќе остави траен впечаток. Критичарите го нарекуваат „надарен музичар со огромен сценски шарм“. Пејчиќ е добитник на бројни награди и признанија на меѓународни натпревари, меѓу кои се и наградата на Вториот меѓународен натпревар на кралицата Елизабета (Белгија), како и победата на натпреварите во Финска и во Шпанија. Неговата техника и емотивниот израз го поставуваат како еден од најзабележителните млади музичари на сцената. Тој свири на виолончело направено од Џузепе Гуарнери „филиус Андреа“ (1694, Кремона).

Концертот е исклучителна можност скопската публика повторно да го почувствува уметничкиот сензибилитет на „Профундис“, оркестар што со континуирана посветеност, автентичност и висок квалитет го гради своето место на македонската и на регионалната музичка сцена. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ