На 29 ноември, во Македонската филхармонија, нашата најголема културна манифестација „Охридско лето“ преку концертот на Камерниот оркестар „Профундис“ и виолончелистот од Србија, Петар Пејчиќ, пред македонската публика ќе донесе музичко патување под магијата на светлината од илјадници свеќи. Програмата ќе ги понуди волшебните звуци на Филип Глас преку „The Hours“, композиција од истоименото филмско дело

Незаборавно музичко патување под светлината од илјадници свеќи, македонската публика ќе има можност повторно да доживее во Скопје пред крајот на месецов. Овој пат, на 29 ноември, во Македонската филхармонија, магијата ќе ja донесе нашата најголема културна манифестација „Охридско лето“ преку концертот на Камерниот оркестар „Профундис“, заедно со виолончелистот од Србија, Петар Пејчиќ, кои ќе настапат под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ.

Програмата на концертот ќе ги понуди волшебните звуци на Филип Глас преку „The Hours“, композиција од истоименото филмско дело. Концертот наменет за љубителите на класичната музика претходно беше најавен во март, но откажан заради трагедијата што се случи во Кочани.

Со овој музички настан, како и со концерт што ќе се одржи на 20 декември во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, а на кој ќе настапат меѓународно етаблираните уметници, тенорот Реиналдо Рамирез-Дроз и пијанистот Франческо Барбаџелата, националната установа „Охридско лето“ успешно ќе ја заокружи годинава. Ова го рече директорот на фестивалот „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, на денешната прес-конференција на која ги најави двата пост-фестивалски настани.

Успешно реализираното јубилејно 65. издание на фестивалот уште еднаш потврди дека „Охридско лето“ е културен бренд не само на Македонија туку и на целиот регион. Оваа година Охрид беше центарот на врвната уметност со преку 36 концерти, претстави и настани на кои настапија уметници од целиот свет. Благодарение на поддршката од институциите, спонзорите, нашите партнери, но најмногу од публиката, ова издание беше едно од најпосетените и највисоко оценети во последните години. Шеесет и петтото издание на „Охридско лето“ покажа дека културата има моќ да обединува, да инспирира и да носи нови свежи идеи. Особено сме горди што оваа година го официјализиравме партнерството со „А1 Македонија“, преку потпишување на четиригодишен договор за стратешка соработка. Новото партнерство за нас значи нова визија на културниот развој, стабилност и отворени можности. Со ваквата поддршка фестивалот ќе добие можност да се развива и надвор од летните месеци, изјави Цуцковски.

Партнерството, како што истакна главниот извршен директор на „А1 Македонија“, Методија Мирчев, пак, ја потврдува својата заложба за долгорочна поддршка на културата и на заедницата и е пример за синергија помеѓу корпоративната одговорност и културната традиција.

2025 година беше извонредна година за „Охридско лето“, исполнета со врвни уметнички изведби, свежина во програмата и инспиративна енергија од публиката. За нас, ова партнерство е потврда за нашата корпоративна стратегија да ја приближиме културата и уметноста до сите граѓани. Горди сме што сме дел од фестивал кој успешно ги комбинира наследството и традицијата со современите уметнички тенденции. Со оваа соработка, ја зацврстуваме нашата визија за долгорочна поддршка на културните иницијативи и со големо задоволство ја најавуваме продолжената улога на „A1 Македонија“ како генерален спонзор и во наредните години, изјави Мирчев.

Во знак на успешната соработка, Цуцковски на прес-конференцијата на Мирчев, му врачи благодарница за особен придонес и поддршка на македонската култура.

Фестивалот „Охридско лето“ е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам, а се одржува под покровителство на претседателот на државата.

ИЗДВОЕНИ