Новите дигитални технологии може да бидат многу корисни како за наставниците така и за учениците во образовниот процес. Медиумската и информациската писменост се тесно поврзани со пошироката палета дигитални вештини за кои е потребно да се направи рамка, како за учениците така и за наставниот кадар. Мобилните телефони може да бидат од корист не само за учениците туку и за целиот образовен систем. СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија е партнер во новиот европски проект „Еразмус+“ – „START-DS, дигитална трансформација преку паметниот телефон“. За содржината на самиот проект и за целите што се сака да се постигнат со него, за весникот ВЕЧЕР разговараме со професорката Снежана Кичукова, дел од тимот од гевгелиското средно училиште, во кое членуваат уште и директорот Александар Делиџаков, Вања Манчева и Снежана Сарамандова
СОУ „Јосиф Јосифовски“ учествува во еден нов проект „Еразмус“ – „START-DS“. За каков проект се работи, колку партнери учествуваат во него и која е неговата цел?
– Станува збор за KA 220 – стратешко партнерство за соработка во областа на училишното образование, дел од програмата „Еразмус+ 2021–2027“. Проектот е финансиран од Европската Унија, преку италијанската национална агенција „Еразмус+ INDIRE“. Во проектот учествуваат шест партнери, освен СОУ „Јосиф Јосифовски“, уште и Универзитетот „Карло Бо“ Урбино (како координатор), Лицео Артистико „Менгарони“ од Италија, гимназијата „Академик Кирил Попов“ од Бугарија, Технолошкиот универзитет „Даблин“ од Ирска и Универзитетот „Марија Кири-Склодовска“ од Полска.
Целта на проектот е да ја поддржи дигиталната трансформација на училиштата преку користење на паметниот телефон како алатка за активно учење, саморефлексија и зајакнување на благосостојбата на учениците, наставниците и на директорите. Проектот започна на 1 декември 2024 година и ќе трае 36 месеци, односно до 30 ноември 2027 година.
Кои активности ги имавте досега?
– Досега имавме низа активности што се однесуваа на работните пакети 2 и 5, кои вклучуваа координација и одржување месечни онлајн состаноци. Беа избрани логото и насловната страница на проектот, беа отворени официјални страници на социјалните мрежи „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Линкдин“, каде што редовно се објавуваат информации за проектот. На состанокот во Лублин беше лансирана и официјалната веб-страница на проектот. Во рамките на работниот пакет 2, наречен „Длабока анализа“, тимот се фокусираше на спроведување детална анализа, која ќе послужи како основа за развој на апликацијата и водичот. Секој партнер преведе и спроведе подготвени прашалници, вклучувајќи два за наставниците, два за учениците и еден за директорите и за раководниот кадар.
Спроведовте истражување во Вашето училиште за предизвиците и за потребите поврзани со дигиталната писменост, употребата на паметните телефони и психосоцијалната благосостојба на учениците. Какви сознанија извлековте од овие анкети?
– Од анкетите произлегоа неколку важни сознанија: учениците интензивно користат паметни телефони и социјални мрежи, најчесто за комуникација, забава и за информирање, но, сепак, повеќе ја ценат директната комуникација лице в лице; се забележуваат умерена зависност и голема потреба за постојана поврзаност, при што телефоните често служат како емоционална поддршка во моменти на тага, здодевност или на осаменост; кај повеќето ученици постои позитивно чувство на припадност и добри социјални односи, но дел од нив се соочуваат со осаменост и со површни односи и на крајот, учениците имаат свест за ризиците од прекумерната и небезбедна употреба на социјалните мрежи, што укажува на потребата од понатамошна едукација за дигитална писменост и психосоцијална поддршка.
Во рамките на овој проект, развивате две основни алатки – DEAR-lo и VOICE-DS. Што претставуваат тие и кои ќе бидат придобивките од нивната употреба?
– DEAR-lo е алатка што овозможува систематска евалуација на дигиталните вештини и образовни потреби на учениците и на наставниците. Таа ќе обезбеди податоци за реалната состојба и ќе послужи како основа за креирање насочени активности и стратегии за унапредување на дигиталната писменост. Ќе овозможи саморефлексија, водење личен дигитален дневник и поттикнување емоционална стабилност.
VOICE-DS претставува платформа за размена на искуства, идеи и добри практики меѓу училиштата и наставниците од различни земји. Целта на оваа алатка е да им даде „глас“ на училиштата и на наставниците, поттикнувајќи соработка, дијалог и активно вклучување во процесот на дигитална трансформација. Тоа ќе биде водич за наставниците и за директорите, кој вклучува препораки, примери од практиката и стручни одговори на актуелни прашања поврзани со дигиталната култура во училиштата, подготвени од тимови на педагози, психолози и правни експерти.
Придобивките од нивната употреба се повеќеслојни: подобро разбирање на потребите и предизвиците на учениците и на наставниците, зголемена вклученост во процесот на учење, унапредување на дигиталните компетенции, како и зајакнување на меѓународната соработка и споделување успешни практики.
Што може да очекуваат наставниците од овој проект, а што учениците?
– Лесниот пристап до „App Store“, ниската претплата и потрошувачка на податоци, прифатливоста и преносливоста на паметните телефони и независното учење се некои од причините за користење на паметните телефони за учење. Учениците ќе добијат поттик за развој на дигиталната писменост, побезбедно и покритичко користење на технологијата, како и поангажирано и современо учење, кое одговара на нивните реални потреби. Од друга страна, недостигот на знаење за ИКТ, недостигот на развој на персоналот за употреба на ИКТ- уредите во наставата, лошата опрема, ресурсите неопходни за ефикасно спроведување на часовите се некои од проблемите што ги обесхрабруваат наставниците да ја интегрираат образовната технологија во училниците. Наставниците може да очекуваат поддршка во унапредувањето на своите дигитални вештини, пристап до нови алатки за евалуација и наставни методи и можност за размена на искуства и добри практики со колегите од други земји. (Љ. А.)