Деновиве, кога го празнуваме големиот христијански празник Богојавление/Водици, да се потсетиме на водата, која е главен реквизит во обичаите и верувањата поврзани со овој ден. Празникот Водици е установен во спомен на крштавањето на Исус Христос од страна на свети Јован Крстител, во реката Јордан. Тоа е засведочено и во евангелските текстови од Светото писмо. Така, на пр., Евангелието по Матеј сведочи: „И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата и Го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него. И ете глас од небесата говореше: Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!“ (Матеј, 3,16)
Денес, по молитвата, свештеникот го фрла крстот во водата (река, езеро, базен) и на тој начин ја осветува водата. Верниците земаат од таа вода (ајазмо) и со неа попрскуваат низ куќата и во другите објекти со верување дека ќе ги истераат негативните демони што се причина за разни болести и други несреќи. Од таа вода чуваат во текот на целата година за лекување на болестите кај луѓето и кај стоката, за отстранување штети и сл.
Денот пред Водици се вика Водокрст (Водокрштение или Водопост). Се крштава водата и се пости во чест на светиот крст. Рано наутро, по полноќ, кумовите со котле вода во кое е крстот на кумството (компанијата) одат во црква, каде што свештеникот ја пее (осветува) водата и ги врзува крстовите со босилек. И со оваа светена вода се прска низ сите куќи на кумството и се чува за лекување во текот на годината. Се верува ако времето е многу студено и замрзне водата заедно со крстовите, годината ќе биде родна.
Во селото Битуше (Дебарско), водичарските обичаи започнуваат уште на Василица (14.1.), кога се носи вода за замесување обредни лебови за Водици. „Имено, во очи на Василица, нешто по полноќ, во глува доба, кога, според верувањето, нечистите и зли сили сè уште не се разбудени и раздвижени, млада невеста или девојка на која ѝ се живи обата родители, облечена во свечена невестинска или девојчинска носија, зема две стомни и оди да наполни пресна вода на една од селските чешми.“ (Гале Фиданоски) На враќање, во стомните става три дренови гранчиња за да се „дреноса“ водата, што значи да се обезбедат здравје и напредок за куќите од компанијата, но и за целото село. Со таа вода се замесуваат првите пет леба. Овие обредни лебови имаат важно место во водичарските празнувања во ова село. Во Битуше, сè уште се изведува овој обичај, како, впрочем, и другите богати водичарски обичаи.
Во своите богати записи на теми од македонската народна култура, Марко Цепенков пишува и за мноштво свети води во Прилепско, Битолско, Велешко, Мариово и во други места во Македонија, дури и за ајазмото Балаклија и за други води лековити во Стамбол. Пишува за петочни, средочни, неделечки води, за кисела и сребрена вода, исто така лековити. За сребрената вода вели дека во цела Битола немало послатка вода од неа. Лекувала секакви болести, а најмногу болести од очи. Низ еден камен над селото Дабница течела самовилска вода. Тоа изворче се викало Самовилец и од таа вода се миеле болни од секакви болести – „од надворштиње и туѓо нагазиште и од ветроштиње“.
Близу до селото Заград, до полите на планината на манастирот Трескаец, има една вода, неделска, лековита. На неделска вода одат трескави луѓе, во недела пред сонце. „И тамо оставаа пара, нишан од алишта и едно парче леб.“ Цепенков сведочи дека во 1870 година, син му Спасе се разболел од треска и околу една година безуспешно го лекувал со двајца екими. „Една ноќ је се сонуа на жената ми неделската вода: тамо да го однеси Спасета, да го измие од неделската вода, ќе ни оздравел Спасе. Рано во недела го тоари жената ми на едно магаре и го однесе тамо, та го изми со неделската вода и си го донесе дома. Од тој саат го остаи треската.“
Сепак, Цепенков го нагласува и следново: „Понабожните жени непара одат по неделни и петочни води да се лекуаат; тие жени се вдаени поеќе по крстената вода. Лели секи месец иди и у нас попо, што ни е на местото, и ни крштаа вода; од таа вода ќе се напијат по малце сите куќни луѓе и ќе си измие мајката децата за здравје. Крстената вода ќе ‘а соберат со едно шише и ќе ‘а чуаат пред икона, за зло час. Најпоеќе со таа вода ‘и мијат децата коа да се урочат, али малку нешто да се поболат, на часо ќе ‘и измијат, сељамет ќе најдат.“ Цепенков уште сведочи дека крстената вода има чудни својства, не се расипува ако стои долго време. „Чудна је крстената вода. Има луѓе у нас што се фатени со облог за крстената вода и ја туриле во едно шише и ја затнале убао; туриле и проста вода во друго шише и ќе ‘и држеа за по неколку месеци и коа се отворија шишињата, крстената вода – чиста како солза, а пак некрстената – нечиста и смрдлива.“ (Цепенков)
Во Гевгелиско, бабиците што помагале при породувањето, ставале врз родилката „Бугуројчина р’кичка уд аџил’к“. Тоа бил еден вид сунѓер без одредена форм, кој кога ќе се потопел во вода, добивал форма на рака со пет прста. Вакви сунѓери носеле аџиите од Ерусалим и им ги продавале на бабиците. (Стефан Тановиќ)
Таков е случајот со водата што се користи за лекување, но каков е случајот со водата за пиење? Колку може човек да живее без вода? Само тој што го доживеал тоа искушение може да сведочи за траумите што ги доживеал. Еден припадник на нашето ослободително движење по име Петар Манџуков во своите спомени бележи и една таква случка кога бил во четата на Гоце Делчев (1899 г.). „Во текот на целиот ден, а денот долг како вечност, ние бевме измачувани од жед, зашто никаде во близина немаше вода. Одвај дочекавме да се стемни и веднаш тргнавме. (…) Бевме толку жедни што почнавме да халуцинираме. Еве, на – во следниот дол кон кој нè води патеката има вода. Ние јасно слушавме како таа тече, шуми и се разлева по камењата. Се доближуваме, го пресечуваме долот – нема ни помен од вода. Јазикот ни се лепи, устите и грлата ни се суви, ушите ни шумат, а вода нема. Слушаме, јасно слушаме дека тече вода во следниот дол, кого што набргу ќе го пресечеме; го пресечуваме, но и таму нема вода. И тоа се повторува при секој свијок на патеката. Нервите се напрегнуваат. Секој бара повод да се скара со некого за да го истури гневот врз него. Бабата оди чекор по чекор по мене и ми вели шепотејќи: „Македонија! Да ти се плукнам во Македонијата! Такво диво и проклето нешто! Да нема дури ни една голтка вода!“ Тој родум од Пазарџик, ме смета мене како Македонец одговорен што во Македонија нема вода…“ По изодени десетина километри низ планината, пак слушнале шумење на вода. „Ние пак слушаме дека шуми вода, но никој веќе не му верува на својот слух, толкупати измамуван од жедта која нè измачуваше. Го пресечуваме долот. Вода, изобилна вода потскокнува по камењата. (…) Сте виделе ли овчо стадо ожеднето на водопој? На нешто слично наликувавме ние, залегнати по дното на долот, со муцките пикнати во водата, подигајќи ги главите за да вдишиме воздух и пак одново се наведнуваме да пиеме. Откако ја угасивме жедта, наседнавме на патеката да се одмориме. Мерџанов се удри со големиот прст по главата: „Еј, колку прости луѓе сме биле! Да не си земиме по една матерка! Какви ли не драгулии напикав во чантата, а за најглавното, за водата – не се сетив.“ (Петар Манџуков)
А, како ли преживувале без вода оние маченици што патувале со месеци кон Диар Беќир, Фезан или кон другите злогласни затвори низ Отоманската Империја. Павел Шатев, еден од оние што ја преживеал голготата во Фезан (Либија), во своите спомени уверливо раскажува дека најголем проблем им биле лебот и водата. „Ситуацијата во која се наоѓавме нè тераше на парите, на облеката и на накитот да гледаме како на нешто непотребно и суетно. Се мачевме да си ги спасиме животите, а за тоа ни требаше, пред сè, вода, а потоа леб.“
Сепак, Шатев појаснува: „Жеден не е исто што и гладен. Маките што се трпат додека си многу жеден не можат никако да се споредат со маките додека си гладен. Гладниот чувствува само болки во стомакот, а жедниот чувствува толку многу маки, што го губи самочувството. Тој што го почувствувал вкусот на лебот додека бил жеден за вода, секогаш ќе ја претпочита гладта пред жедта.“ (Павел Шатев)
Додека патувале низ пустината кон Фезан, затворениците имале голем проблем со недостиг на вода. „Наредени во колони и чекорејќи исклучиво врз купови подвижен песок, ненаспани, уморни, гладни и жедни, постојано прашувавме каде има вода. Нè залажуваа дека штом ќе стигне караванот, веднаш ќе ни дадат вода. Сонцето пекна, ние го продолживме патот, далеку на хоризонтот се покажуваше зеленило, но штом се доближивме до него, повторно немаше вода.“ (…) Кога тоа утро се поздравувавме со денот, што настапуваше, лицата ни беа сосема изменети. Побледени, па дури и жолти како свеќи, не личевме на живи суштества. Толку ни го беа смениле тенот на лицата гладот и жедта, а најмногу несоницата. Колку и да бевме гладни, на леб никој не мислеше. Сите гледавме како побргу да ја задоволиме жедта. (Павел Шатев)
Англискиот новинар Џон Фостер Фрејзер патувал низ Македонија во 1905 година и ја забележал состојбата по Илинденското востание. Од Ресен кон Охрид патувал по жешко време, водата била неопходна, но ја немало. „Водата во матарките беше млака и нечиста. Кога се пиеше од неа, устата стануваше како туткал. Единствена желба ми беше да се напијам една голема голтка студена изворска вода. Еден од војниците знаеше дека има вода понатаму, и тоа го одржуваше нашето трпение.“ Во Охрид гледал како посетувале луѓето некоја вода за која верувале дека е лековита. „Додека седевме меѓу урнатините, две подгрбавени и снеможени жени со куцање се искачија од градот. Едната жена беше болна. И меѓу дивата вегетација што растеше околу трошните ѕидови бараше водичка од која, како што беше убедена, треба да се напие само неколку голтки и веднаш да оздрави. Водата беше каллива. Старата саката жена собра малку водичка од една мешунка и ја испи, па рече дека се чувствува многу подобро. Куцајќи таа си отиде, сосем убедена за чудесниот квалитет на водата. Не можев да го откријам потеклото на ова верување за дејството на водата.“ (Џ. Ф. Фрејзер)
Присутна во секојдневниот говор на луѓето, водата нашла место и во народните пословици. За некој што залудно работи се вели дека во аван вода си бие, за блиските родини се вели дека крвта вода не се чини, уште се вели арам стока спечалена, ќе истечит како вода, во согласност со народните сфаќања – крстена вода кај годе не се истура“, а за некој многу прост се вели: едно магаре вода не знае да напои итн.
Водата е често присутна и во народната поезија. Во епските песни, Марко Крале „три дни шета низ гора зелена“ во која „нема вода лице да омије, /ни вино коња да напои“, поради што ја колне гората: „Ој ти горо пуста останала,/ оти немаш една капка вода“, на што гората ќе му одговара: „Вода имах седемдесе реки, /и па имах седемдесе чешми, /а кладенци, Марко број немаа. /Затвори и Вела самовила, /закључи и сос немански катанци.“ Откако ја погубил самовилата, протекле и реките, и чешмите, и кладенците.
Во лирските песни, народниот пејач со водата изградил извонредни поетски решенија што ги одушевуваат и најстрогите вљубеници во поезијата. Кој може да остане рамнодушен пред таквите импресивни поетски слики како: „Сокол пие на Вардаре вода,/ на глава му бел трендафил ц’фти,/ крилја му се сребро до рамена,/ нозе му се злато до колена!“ или споредбата од една свадбена песна: „Потекла ми бистра вода из бистри камења./ Не ми била бистра вода из бистри камења,/ ток ми било малој моме татково, мајкино“, песната од Зборникот на Миладиновци: „Момето одит на езерото, /да ми налеит бисерна вода,/ две ведра в р’це, ведро на глава, /да му измиет беќару лице, /да му избришит со алшамија…“ итн. Луѓето од градот тешко може да ја доловат онаа селска идила со реки, јазови, бразди по кои момчето ја води водата до бавчата или нивата: „Вода води лудо младо,/ вода му се запираше,/ запирува морска риба./ Не ми било морска риба,/ туку било малко моме,/ со ѓердан ја запирува.“
Кој не ја знае приказната за Силјан Штркот кого судбината го однесла во земјата на штрковите? Во таа земја имало два извори (по клетвата на старецот светија), откако ќе се искапеле во едниот извор, луѓето станувале штркови, доаѓале во нашите краишта да изведат потомство, а потоа, по враќањето, се капеле во другиот извор и станувале луѓе.
Во народните приказни постои жива, животворна или бесмртна вода што оживува мртви или обезбедува бесмртност. Таква вода барал и царот Александар Македонски, како што раскажува преданието од Зборникот на Миладиновци. „Цар Александар сакаше да ходит да земит безсмртна вода. Но кој одеше никој не се врашташе назад; зашто дури да стигне некој до неа, требаше да п’туват три дни и все во ношна темнина, во која луѓето се заскитвеха, и не можеха да се вратат на бел ден.“ Но, царот Александар зел кобили и ждребиња, ги поставил на растојание да може да се слуша гласот кога ќе `ржат и така стигнал до живата вода, која стоела меѓу две планини што се отворале и затворале. Наполнил набрзина едно шише, се вратил дома и го оставил на прозорецот за да се напие во неделата. На сестра си ѝ нарачал „да вардит да не ја истурит безсмртната вода“. „Сестра му метеештем не догледа и скрши шишето. Цар Александар кога чу това, страшно се наљути; а сестра му избегвеештем љутината негова, се фрли во море и се престори во делфин, кои, кога чует Александровото име, се криет во морските глобини.“ (Миладиновци)
Царот Александар Македонски имал искушенија со водата и кога патувал низ пустината, при своите чести походи во освојувањето на нови земји. Како што пишува Григор Прличев: „Великиј Александар Македонец като водеше еднаж војската низ едно пусто и безводно место, и всите гореха од жедост, един селјанин му донесе вода колко за него, а тој к’то помисли оти војската му трпит, не посмеја да се напиет но ја истури водата за да трпит и тој как что трпеха вси, и војската беше принудена даже и д’лжна да прослави това добро дело, и за това во битките проливаше крвта си за него без да се обзира назад.“
Кога го споменуваме веќе Григор Прличев, да потсетиме дека во својата „Автобиографија“, кога пишува за престојот во затворот во Дебар, истакнува дека водата што ја пиел таму е најубава на светот. „Таму пиев вода каква што, уверувам, нема по цел свет; вода што јас ја претпочитав пред баснословниот нектар; вода што нашите хемичари се должни да ја испитаат, вода што ги прави сите дебрани филозофи (во Дебар нема идиоти)“.
Блаже Конески во есејот „Вкусот на водата“ пишува: „Во што е смислата на пиење ракија“ прашуваше Митрев, Одговорот гласеше: „Да ја направи водата слатка.“ Митрев имал некој познаник кој навечер, веќе добро запечен од ракијата, си клавал пред легнување една стомна вода до креветот. Ноќта повеќе пати се слушало како гргори водата од стомната во неговото жедно грло. Цане Андреевски, вели Конески, ми раскажа една вистинска случка. Еден негов познат, по долго бдеење во крчма се вратил дома дури во зората. Ја пуштил славината и почнал да пие вода. Но какво изненадување! Па оваа вода не е обична, ами е како шербет. Во чудо не можел да се додржи и почнал да ги буди домашните: Станувајте да видите – водоводот пуштил слатка вода. Брзо дури не ја запреле.“
Честит празник! За многу години!
.












