Уште на почетокот на житието за св. Кирил Филозоф, авторот св. Климент Охридски, одушевено извикнува: „Еве, ни светна, христољупци, светлозрачниот спомен на нашиот преблажен отец Кирил, нов апостол и учител на сите земји, којшто огреа на земјата како сонце со вистинска вера и убавина, како сонце на трисушното божество, осветлувајќи го сиот свет.“

Светите Кирил и Методиј од страна на црквата се прогласени за рамноапостолни, што значи по значење рамни на Господовите апостоли. Великиот Григор Прличев во словото за светите браќа Кирил и Методиј говорено во Солун кога бил професор во тамошната гимназија истакнал дека светите Кирил и Методиј од многуте напори: служење во црквата, во училиштата, преведувањето на светите книги и слично, се разболеле. „Но иако и да беа болни, се така тие се трудеа, неуморно се трудеа додека го извршија великото дело, коешто не би можеле да го извршат ни цареви, ни императори, ни самите, можеби Христови апостоли: ниеден од апостолите не покрстил толку души колку св. Кирил и Методи“. Прличев уште вели дека тие не се прославија со чудата што ги правеа, зашто чуда може да прави и ѓаволот. Тие се прославија со поведението „се прославија заради кроткост, заради смирение, заради трудољубие, заради љубов, што е мајка на сите добродетели.“

Светите браќа пред да заминат во Моравија, каде што ја остварувале познатата Моравска мисија, составиле букви (азбуката глаголица) и светите книги ги превеле на словенски јазик. Иако некои научници се труделе да докажат дека тој јазик бил на панонските Словени, словенечкиот славист Ватрослав Облак, истражувајќи на теренот докажал дека се работи за јазикот на македонските Словени од Солунско (од каде што потекнувале и самите светители) што се сметало за најзначајно откритие во науката во XIX век.

Житието вели дека кога патувале за Рим, каде што биле повикани од папата, во Венеција светите браќа имале жесток судир со тријазичниците. „Кога беше тој во Венеција, се собраа против него епископи, попови и црнорисци, како врани на сокол, и ја подигнаа тријазичната ерес, зборувајќи:

„Човече, како си им ги создал на Словените книгите и ги учиш по нив, што досега никој не измислил, ниту апостолите, ниту римскиот папа, ниту Григориј Богослов, ниту Ероним, ниту Августин? А ние знаеме само три јазика на кои е достојно во книгите да се слави Бог – еврејски, елински и латински“.

Филозофот им одговори: „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите?  Зарем не дишиме воздух сите еднакво? Па тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика. А сите други народи сакате да бидат слепи и глуви? Кажете ми дали Бога го сметате толку бессилен што да не може да го даде тоа, или толку завидлив што да нејќе?“ Ете така зборувал мудриот Кирил кого го запаметиле и го славеле многу народи.

Науката за празниците (Хеортологија) вели дека во почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување, на св. Кирил на 27/14 февруари и на св. Методиј на 19/6 април. Но подоцна се јавила потреба за нивни заеднички празник, едно затоа што тие се родени браќа и друго затоа што заедно извршувале иста дејност. Најпрвин заедничкото празнување било на денот на упокојувањето на св. Методиј, како што е запишано во „Асемановото евангелие“ (X-XI век) и во Станиславовиот пролог: „И се празнува нивниот спомен на 6 април и црквите многу празнуваат во нивниот спомен.“ Но затоа што овој датум се паѓа во строгите велигденски пости, кога црквата забранува свечено празнување, се нашло за попогодно ова празнување да биде пренесено на 24/11 мај.

При празнувањето на 1000-годишнината од првото осветување на словенскиот јазик, односно на Евангелието напишано на словенски јазик, во 1863 година Светиот серуски синод донел одлука, почнувајќи од таа година 11 мај (с.с.) да се празнува како црковен празник на преподобните Кирил и Методиј, со ноќно бдение, со литургија и молебен, според службата што за таа цел била напишана истата година. Потоа ова празнување било прифатено од сите словенски народи. Грчката црква не го празнувала споменот на светите Кирил и Методиј, а во егејскиот дел на Македонија го забранувала.

Во Македонија празникот на светите Кирил и Методиј бил празнуван и како училиштен празник и како именден, и како еснафски празник.  Марко Цепенков сведочи дека во Прилеп празникот на светите Кирил и Методиј најпрвин бил празник на тутутнџискиот еснаф, а кога овој еснаф се расипал поради Монополот, празникот го присвоил брашнарскиот еснаф за свој еснафски празник. Според еден запис на Поменикот на шивачкиот еснаф на дебраните во Солун, светите браќа за свои покровители ги имале и шивачите.

Празникот на светите браќа Кирил и Методиј посвечено почнал да се празнува во XIX век. Марко Цепенков забележува дека овој празник „силум се воведе во црквата (…) при подигнувањето на црковното прашање.“ Тоа значи дека овој празник е воведен преку Егзархијата. Но иако во почетокот имало отпор, подоцна овој празник бил масовно прифатен. Празнувајќи ги како свои светители Климента и Наума, нивните ученици, македонскиот народ ги прифатил за свои и светите учители Кирил и Методиј, кои впрочем исто така потекнуваат од Македонија.

Имаме многу сведоштва за свечено празнување на овој празник во Македонија,  особено во втората половина на XIX век, во времето на преродбата, кога се прават напори за воведување на народниот јазик во училиштата и на црковнословенскиот во богослужбите, кога помасовно се празнуваат црковните празници, кога се градат големи храмови, се објавуваат книги и сл. Во еден свој запис Кузман Шапкарев пишува за празнувањето на споменот на светите Кирил и Методиј во Прилеп, во времето кога тој бил учител во овој град. „Вечерта спроти празникот, вели Шапкарев на изненадување на Власите и Турците, целата чаршија се затвори и целиот народ се упати во црквата. Утрината, исто така, но со многу поброен народ службата ја извршија тројцата свештеници.“ По службата народот заедно со свештениците се упатил кон училиштето кое било накитено со гранки и цвеќиња. Во црковниот двор се извршил водосвет и за првпат се кажало едно слово за значењето на празникот и за житието и подвизите на светите рамноапостоли. За цело време додека траеше свеченоста, вели Шапкарев, јас стоев божем како неутрален и ладнокрвен гледач, дури и училиштето го имав отворено, се разбира дојдоа само Влавчињата, за да не се разбере дека имам замешано прсти во организирањето на тоа празнување. Кога заврши празнувањето ги пуштив малкуте ученици и со поразбудените момчиња од еснафот тргнав од куќа на куќа на визита. Во тоа време, за време на посетите по куќите, најмногу се  развија проповедите и поради тоа и народните чувства се распалија најсилно, та народот пламна…“

Според една дописка во цариградскиот весник „Новини“ од 6 јуни 1891 година празникот на светите Кирил и Методиј во Битола бил празнуван многу свечено. Населението од Битола се натпреварувало со населението од Солун во посвечено празнување на празникот на светите браќа. Уште вечерта спроти празникот се гледале радост и воодушевување на лицата на населението. Учителите и учениците со песни виеле венци што ги ставале на вратите и прозорците од училиштата, пансионот претставувал величествена гора накитена со природни и вештачки цвеќиња. Таа слика станувала уште повеличествена со поставените портрети на Султанот и на Егзархот и на двете икони: едната со ликовите на светите браќа и другата со ликовите на светите Седмочисленици. Вечерта од сите страни колони ученици од сите училишта, како и многу народ ја исполниле црквата. Вечерната служба била извршена свечено. На самиот ден се служело во црквата „Св. Богородица“, која била преполна со народ. Архимандритот Козма, придружен од сите свештеници и еден ѓакон, отслужил свечена служба, а потоа одржал слово во кое зборувал за значењето и светоста на тој празник, и за заслугите на светите браќа. По распуштањето на црквата, масата се упатила кон машкото четирикласно училиште. Напред, од двете страни на улицата, во два реда оделе учениците и ученичките, во средината двајца ученици со голем и убав венец во рацете, а по нив се носеле иконите на св. Кирил и Методиј и на св. Седмочисленици. По нив одел народот и свештениците облечени во најсвечена облека. По целиот пат од страна на народот се пееле тропарот на празникот и пофални песни. Во дворот на училиштето бил извршен водосвет. На тој обред присуствувале неколку конзули: рускиот, англискиот и германскиот и сите свештеници, учители и учителки. По водосветот управителот на училиштето одржал слово за апостолската дејност на светите браќа, за нивните големи дела и за ширењето на христијанството меѓу словенските народи. Потоа биле почестени сите присутни во училишниот салон, по што започнала веселба со звуците на гајдата што траела до пладне. Попладнето, сите ученици, ученички, учители и учителки, како и многу народ со четири гајди тргнале низ градот кон „Св. Недела“, каде што на зелената ливада, под густите сенки на дрвјата се играло и пеело и се кажувале здравици до доцна во ноќта.

Во едно сведоштво за празнувањето на Св. Кирил и Методиј во Горноџумајско се вели дека во 1890 година архимандритот дошол во Горна Џумаја за да се сретне со населението и да направи борбен план против грчкиот владика во Мелник и да му нанесе удар во срцето на грцизмот. Бил повикан народот на масовно празнување на празникот на светите рамноапостоли Кирил и Методиј на 11 мај (с.с.). Колку и да се држеле во тајност овие подготовки не останале незабележани од Грците. Тие се обиделе пред турските власти ова празнување да го претстават како комитска работа. Сепак, архимандритот Гологанов успеал да го убеди кајмакамот дека се работи за чисто верско празнување. Утрото на празникот градот бил преполн со население од целата околина. Цел ден се играло и се пеело на плоштадот до реката.

Еден страдалник од Дебарско, Крсто Костов, (1897-1986) од село ‘Рбеле, (сега во Албанија) поради теророт над Македонците во овој крај иселен во Бугарија, во своите спомени се сеќава и за празнувањето на овој празник. „Празникот Св. Кирил и Методиј нетрпеливо се очекуваше меѓу Македонците во Дебар. Тој празник беше надежта и вербата во скорешната слобода, која со нетрпение се очекуваше. Празникот ја симболизираше просветата и културата на целото православие. Подготовките се правеа со воодушевување и радост. Се собираа мајски свежи цвеќиња, со кои се украсуваа училиштата, црквите и домовите, за да разберат Турците дека христијаните со радост го очекуваат празникот на светлината.“

Често се случувало од светците да се бара помош при болест, несреќа или во други неприлики. Според еден запис на М. Цепенков, од 1893 година невестата од Илија Дундов три години боледувала од грлобол. Викале еќими, тие и давале билки, ама од никоја сељамет не видела. Викнале и жени лекарки „што разбираат стопати од еќим поарно“, ама и од нив немало вајде. Кога веќе сите изгубиле надеж дека ќе оздрави, сонувала дека се нашла во параклисот „Свети Кирил и Методија“ во варошкото маало. И додека се чудела како се нашла тука каде што никогаш порано не дошла „туку је се преставил пред неа еден стар чоек со брада (зер св. Кирил, ја св. Методија) со еден диск в раце, во дискот вода и песок и је рекол: „Повели, напи се од водава, шмркни троа во носот, изми се за да оздравиш од грлото што те боли“. Зела од водата, се напила, се измила и си оздравела. Е што радос беше е дошло, веќе нечкај.

Кога се разбудила почувствувала олеснување и почнала да се подготвува да оди во параклисот. Домашните се чуделе и ја запирале зашто била болна и тешко дека ќе можела да појди до параклисот. „Ами вакваа учена си на училиште да веруаш сонои! Коџамити царцки еќими не можат крајо да ти го најдат, со сонои сакаш да оздравиш! Седи си тука, не ти треба црква одење, да не настиниш, та да се сториш полоша!“

И покрај тие спротивставувања на домашните, сепак, пошла во параклисот. Таму, пак, се зачудила на тоа што го видела, зашто било истото што го видела во сонот. „Седела дури се слугало литургијата и на заминување се измила од водата од бунарот, се напила, шмркнала во носо и на часо сетила една голема леснина. Дури си ошла дома, се оздравела, како да не боледувала никогаш.“

До Втората светска војна во Македонија празникот на светите браќа Кирил и Методиј се празнувал свечено, но по војната имало извесен прекин во празнувањето. За тоа ни сведочи едно писмо на Димитар Влахов до Јосип Броз Тито, од 7 мај 1948 година, во кое пишува за потребата од празнувањето на овој празник во Македонија и го моли маршалот да се заложи празникот да се издигне на ниво на државен празник. Укажувајќи дека тој празник беше вистински народен празник и еден од најголемите празници на македонскиот народ, Влахов посебно нагласува дека во минатото играше голема улога во преродбата на националната свест на нашите браќа Македонци за нивното обединување и за јакнењето на нивната борба за национални, културни и политички права. „Сметам дека тој ден треба да се празнува како празник на словенската солидарност и братство“, се вели во писмото.

Прличев во споменатата беседа уште вели дека „мајка Македонија многу е ослабната. Откако го породи великаго Александра, откако ги породи св. Кирила и Методија, оттогај мајка Македонија лежи на своето легло ужасно изнемоштена, совршено примрена. Мајка што родила великаго сина надали ќе може да роди и другего. Затоа толку ретки се на светот великите мажи. Цели просветени држави во текот на педесет години одвај можат да произведат еден велик маж“. Но, вели Прличев, Македонија е плодородна и неисцрпно благочедна и Солунската гимназија „ќе произведе уште многу Кириловци и Методиевци што ќе бидат светила на нашите училишта, ќе бидат благолепие на нашите цркви, ќе бидат столпници на верата и ќе го прославуваат македонското име. Амин!“

(Авторот е професор и истражувач на македонскиот фолклор)

ИЗДВОЕНИ