| ПОЧИТ КОН СВЕТЕЦОТ ШТО СЕ СЛАВИ НА ПЕТТИОТ ДЕН ОД НОВАТА ГОДИНА ПО НОВИОТ КАЛЕНДАР |

Свети Наум Охридски – Чудотворец се упокоил на 23 декември, (според стариот или на 5 јануари според новиот календар) 910 година, во манастирот на брегот на Охридското Езеро, кој самиот го основал, му го посветил на големиот Господов воин, архангел Михаил, и го раководел до крајот на животот. Во „Второто словенско житие на свети Наум“ се вели: „И откако уреди сè што Му е благоугодно на Бога, таму се упокои блажениот Наум во длабока старост и душата во Божји раце ја предаде во месец декември (23), и се погреба чесното тело негово од божествените раце на архиерејот Христов, Климент Охридски и се положи чесно в гроб со почести, од десната страна на храмот. Бог, пак, го прослави него со големи чуда, и секакви болести и рани исцелува и бесови изгонува“.
Долго време споменот на свети Наум се празнувал на овој датум, а потоа се јавила потреба од друг ден за празнување. Едно поради тоа што празникот е во Божиќните пости, кога црквата не одобрува бучни веселби, и друго што во овој период на годината, поради големите снегови и силните студови, верниците тешко доаѓале до своето омилено светилиште. Затоа со специјално „Послание“ на охридскиот архиепископ Јоасаф од 21 мај 1740 година празникот е префрлен од 23 декември на 20 јуни. (с. с.) Во ова Послание меѓу другото се вели „…поради поголема слава и чест и поради околности, се пренесува и преместува од 23 декември, за да се празнува и прославува на 20 јуни… Затоа, секој што поседува срдечна и добронамерна побожност кон светителот, нека дојде на изворите на чудесата на светиот гроб, каде што лежат светите мошти, во неговиот свет храм, на источникот што блика исцелувања – да прими благодат и светост на телото и на душата, зашто чудата и благодатите на светиот и богоносен отец наш Наум – Чудотворец, толку се многубројни, та ги надминуваат и множеството ѕвезди“. И во „Охридскиот митрополитски кодекс“ во делот „Историски спомени на св. Климент и препод. Наум“ се споменуваат „свети и пречесни мошти, нетлено богатство и извор на исцелувања на сите кои со вера и со благочестивост одат на неговиот чудотворен гроб“.
Ако свети Климент Охридски остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на читање и пишување туку и на други корисни работи, свети Наум остана запаметен како чудотворец со моќта да лекува и за време на животот и по упокојувањето, да лекува од најразлични болести, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на вера и народност. Но, свети Наум остана запаметен и по заштитата на манастирот, по наградувањето на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот и казнување на оние што иделе со намера да направат некоја штета, да го испоганат објектот или да го навредат светителот. Култот на свети Наум зрачел на поширок простор не само во охридско-струшкиот крај туку и во преспанскиот, битолскиот, па дури до Корча, Елбасан и други места во Албанија каде што манастирот имал свои имоти, како и во подунавските земји Унгарија и Романија, каде што имало иселеници од овие краишта.
Иако податоци за чудотворната моќ на светителот среќаваме и во житијата за него, сепак култот на свети Наум најмногу е одразен во преданијата и во легендите раскажувани на овој простор од најстари времиња, што значи уште кога светителот бил жив. Евтим Спространов во еден запис за празниците и за празничните обичаи од Охрид пишува дека „На 20 јуни (с. с.) се празнува сети Ноум. Тогаш се прави голем панаѓур при манастирот посветен на овој словенски светец“. Марко Цепенков, пак, во записите на еснафските празници во Прилеп, вели дека „чоаџо-абаџискиот еснаф го празнувал 20 јуни, свети Наум Охридски“. Во старо време, вели Цепенков, еден месец пред празникот, праќаа од манастирот свети Наум риби летници подарок на чоаџискиот еснаф, како покана да одат на поклонение на манастирот. Бидејќи во тоа време манастирот беше во расцвет, одеа на поклонение мајсторите со калфите, дури и фамилијарно. Ако, пак, се случеше да не отидат, му испраќаа парична помош на манастирот.
За канење со риби за празникот пишува и во Летописот на манастирот „Свети Наум“, пишуван од Димитрија Петру, учител, свештеник и едно време секретар на манастирот. Тие што добивале вакви покани испраќале доброволен прилог за манастирот со список на дарителите, а нивните имиња се споменувале на светата служба. „Ако се пресмета колкава е сумата за купувањето на рибата заедно со другите давачки за оваа цел, излегува сосема незначителна добивка. Па, сепак, не треба да се рушат вековните меѓи што ни ги оставиле нашите татковци.“ – се вели во овој Летопис.
Цепенков во поглавјето за светците, свети Наума го споменува заедно со свети Андонија и свети Спиридона. „Свети Наум и свети Андонија и свети Спиридон – да лекуат улаите“. Така св. Наум спаѓа во групата светци што лекуваат душевни болести. Познато е дека vо кругот на мананастирот постоела болница за душевно болни. Во 1708 година била соѕидана куполеста ќелија (ѓавѓири) наречена болничка ќелија, или како што обично се нарекувала – болница. Дури се нагласува дека во двата пожара „единствено останала неоштетена таканаречената болница (ѓавѓири) бидејќи беше градена од камен и со кубе“. И не случајно на фрески во црквата „Света Софија“ во Охрид, но и во други цркви, св. Наум е насликан заедно со лекарите – светци. Оттука и охридската пословица „Кој за ум кој за свети Наум“ или пословицата запишана во Прилеп: „Ја ум, ја на сфети Наум“. Лекувањето душевно болни од страна на свети Наум се честа тема и во народните преданија и легенди. Вакви сцени се гледаат и на фреските во црквата во неговиот манастир, каде што истерува демони од устите на болните, а на оваа тема се пее и во една од најпопуларните охридски песни: „Ќе те носит Русе сети Ноум,/ таму Џоџе, Русе ќе те венчат,/ и на гробот Русе, ќе ми легни,/ белки умот Русе ќе му дојдит…“
Во писмото насловено „Повик на манастирот ’Свети Наум’ за собирање прилози во подунавските градови, гратчиња, земји и села, внатре и надвор од Романија“ од 22 јули 1889 година, што со себе го носел попот Сотир од Љубаништа, се моли за помош за обновување на манастирот, а за тоа дарителите ќе бидат помогнати од светецот „…нашиот Наум чудотворец, општиот заштитник, ќе Ви ја испрати од неисцрпните ризници, својата богата милост и ќе биде помошник во делото на Вашите раце и секогаш чувар на Вашиот живот од секакво зло и несреќен случај и на крајот ќе ги удостои сите царства кон своето небесно царство“.
Познато е дека на гробот на свети Наум доаѓале и луѓе од разни вери, особено муслимани од Македонија и од Албанија. И во Летописот на манастирот се вели: „Оваа света институција стекна голем углед и чест и кај друговерци, а особено кај Отоманите Бекташи, кои не се знае од кои причини, ова светилиште го викаат „Сари Салтик баба“ што преведено од турски значело жолтобрадиот татко. Според едно предание, еднаш кога дошле на гробот на свети Наум неколку Турци замолиле некој од поупатените да им ги објасни ликовите од фреските. Кога тој што им ги објаснувал рекол: „Овој е свети Наум“, тие радосно извикале: „А тој е нашиот татко“. Интересен е начинот на кој се молеле Бекташите (муслиманска секта). Тие кога ќе дојделе во манастирот, чевлите ги оставале пред манастирската капија и до црквата се доближувале со метании. На враќање излегувале наназад, секогаш свртени со лицето кон црквата и пак со метании.
Во житијата, Службата како и во Молитвата кон св. Наум се среќаваат податоци за чудата на св. Наум. На пример, во Првото словенско житие кое, според некои показатели, е пишувано од лице што лично го познавало светителот, зашто на едно место вели „оти јас малку знам, само тоа што ми го кажувале самите блажени отци“. Оттука можеме да заклучиме дека уште живи тие се прославиле преку чудата. И во Второто словенско житие се споменува овој аспект од животот на светителот. „Бог, пак, го прослави него со големи чуда и секакви болести и рани исцелува и бесови изгонува“. Во „Молитвата кон свети Наум Охридски исцелител на болни“ молејќи се за здравје на болниот, верниците се повикуваат на неговата Божја дарба да лекува болни: „Сега уште еднаш ти се молиме за слугата божји (се кажува името), кој страда од слабост и тешка болест. Ако е врзан поради својот грев или грев на неговите родители или грев на роднините свои, и ако поради грев го најде оваа болест, Ти посредувај, о ангелоподобен светителе, пред престолот на Господа Кој Те прославил, да му го прости гревот и од болеста да го исцели“. И во Службата за св. Наум се нагласуваат исцелувањата од моштите на светителот: „Купот на твоите мошти прочуен Науме извира изцеленија“, се вели на едно место, а на друго: „Му пееме на Бога, што ни даде лечилиште на душите и на телата, Наума последниот дар од Бога Седржател“.
За свети Наум се запишани и објавени над триста преданија и легенди во кои се раскажува за разните чуда што ги направил светителот. Така се раскажува и за изборот на местото на манастирот. „Кога починал св. Наум, излегол пред Господа. Поради големото добротворство што го правел св. Наум на земјата, Господ го одредил да биде во вечен рај. Бидејќи во небесниот рај немало толку убаво место што ќе одговара за свети Наум, Господ со рака покажал кон неговиот манастир, велејќи му: „Она е твојот рај. Ти таму ќе бидеш засекогаш. Ете зошто свети Наум и сега е во неговиот манастир покрај Охридското Езеро“, заклучува народниот раскажувач.
Во народните преданија се раскажува и за лекување од страна на светителот, за дарување имот на манастирот, од страна на благодарните верници, за дарување камбани и други дарови, се раскажува за оживувањето дете што било во бессознание, за спасен човек во авионска несреќа, за излекување на повреден Германец, за добивање рожба по десет, дванаесет или тринаесет години и по молитви пред светителот, се раскажува за оздравување на глувонеми или слепи, за казнувањето на арамиите што убиле припитомена срна, за казнување на тие што се мајтапеле со св. Наума, на тие што сечеле во вакавски имот, на тие што сакале нешто да земат од манастирот (бакарно табаче, манастирски маски, манастирска мачка, иконче, прибор за јадење, шише ракија, сребрена виљушка, две гуски, патка, саан итн.).
Во преданијата и во легендите се раскажува и за лебот што се давал пред манастирската порта, а што бил гаранција за патниците да не бидат ограбувани од разбојници, за тоа дека св. Наум ги благословил плуговите од Трпејца, воловите од Тушемишта, се раскажува зошто во Љубанци не паѓа град. Среќаваме преданија што раскажуваат дека св. Наум е жив, односно такви во кои се раскажува за облогот дека чашата, грнето или бокалот со вино пуштен од прозорецот нема да се скрши или истури. Тоа и се случило, но светецот му се јавил на сон на игуменот и го прекорил веќе да не се обложува зашто тогаш се згодил некаде во близина и брзо дошол, а ако бил подалеку можело да се случи манастирот да биде претворен во џамија или да бил одземен од страна на бегот.
Се раскажува и за повеќе диви животни кои, откако направиле штета на манастирскиот имот, светецот ги донел да ја одработуваат штетата. Мечката што го изела волот самата се прегнала во јаремот да ора додека не се исплати изедениот вол. Кон преданието „Св. Наум и мечката“, К. Шапкарев додал: „Слични приказнички и преданија за св. Наумовите чудеса изобилуваат во Охрид и околината, кои јасно ги покажуваат чувствата на населението без разлика на вера и народност кои ги манифестира кон св. Наума“.
Во преданијата се раскажува дека еден душевно болен од Албанија го донеле во манастирот. Одел полугол. Одеднаш почнал да се облекува и да се срами. Кога го прашале како дошол при себе рекол: „Помина еден старец со брада. Двапати ми дувна во уста и се изгуби“. Во 1900 година, во манастирот имало некое момче од Епир. Било сосема лудо, по цел ден трчало, бладало, одбивало храна, одело скоро голо. Наеднаш, застанало и почнало да гледа кон вратата на црквата. Откако ги истрило очите ги прашало луѓето што биле во близина: „Каде сум јас?“ Потоа раскажало: „Јас бев во голем пламен. Пламенот ми одеше од појас нагоре над глава. Целата глава ми беше во пламен. Ништо не гледав освен тој пламен. Но, ете, сега дојде пред мене еден старец, како свештеник, застана пред мене и дувна во пламенот. Сега веќе нема пламен. А старецот ене полека влезе в црква“. По неколку дена, момчето само, сосема здраво, си заминало од манастирот. Многу сведоштва за исцелителната моќ на светецот можат да се прочитаат во „Книгата за впечатоци“ каде што многумина пишуваат дека идат за здравје и на манастирот му нoсат дарови.
Камин Плат, веројатно дописник на некој англиски весник, кој во 1903 година, веднаш по Илинденското востание ја посетил Македонија, престојувал и во манастирот „Свети Наум“ при што запишал: „Основоположникот на оваа света институција, свети Наум, средновековен калуѓер, познат по својата голема верност, со текот на времето, станал еден вид полубог, за чии чуда селаните никогаш не престанаа да раскажуваат. Чудата што тој ги направил, опасностите и страдањата што ги искусил, како и долгото мисионерско работење, се нивна верба која претставува интегрален дел од верувањето на селаните, верба во еден нивен ’утешител’. Дури и денес се верува дека овој човек поседува чудотворна моќ, па затоа секоја година стотици болни и предани поклоници, од сите делови на Македонија, го посетуваат неговиот гроб, цврсто уверени дека ќе бидат излекувани“.
Да се биде во манастирот на празникот било вистинско доживување. Во книгата „Македонија –живот и форма“ (Берлин во 1940) самиот издавач Херберт Ертел запишал: „На 30 километри од Охрид се наоѓа најсловенскиот манастир на православната црква, ’Свети Наум’. Кој има среќа да биде повикан на патрониот празник на црквата, треба да го искористи тој повик. Тоа е најголем празник на православната црква што православната христијанска фамилија може да го има“.
Околу манастирот има повеќе лековити води: На Јазма, св. Петка, св. Атанасиј итн. Преданието вели дека кога св. Наум го изградил манастирот на сегашното место, многу народ доаѓал да бара помош. Не можејќи да превтаса, св. Наум се молел на Господа да му даде лек за сите болести. Господ ја послушал молбата и под манастирот од карпата се отворил извор со лековита вода од која се лекувале многу болести. Во извештајот на францускиот вицеконзул Белег Де Буга од 1856 година, се вели дека „Многу болни христијани, па дури и муслимани, доаѓаат тука да се излекуваат во водата на изворот, кој се смета за благословен“.
Манастирот доживеал подеми и падови. Некогаш доживувал расцут, со мноштво монаси, со многу стока, имот, богатство, некогаш бил напаѓан од неверници, разурнат до темел, некогаш запален и изгорен, но повторно се кревал од пепелта. Последниве неколку децении, манастирот, под раководство на игуменот Нектариј, доживува вистински процут, стана вистински земен рај, како што вели народниот раскажувач. Тоа не може да се опише со зборови, треба да се посети за да се доживее.
Честит празник. За многу години.
(авторот е универзитетски професор и проучувач на македонскиот фолклор)












