Моите приоритети се насочени кон подобрување на локалната економија, кон поддршка на малите и средни претпријатија и кон унапредување на туризмот, вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, проф. д-р Билјана Андреска-Богдановска, Ректор на Европски универзитет – Скопје и дел од советничката листа за главниот град од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија. Таа во интервјуто посочува дека доколку стане дел од Советот на Град Скопје, многу внимание ќе посвети на образованието, културата и на младите. „Да создадеме град кој не само што ќе им обезбеди квалитетен живот туку и ќе ги мотивира да останат тука. Еден од моите предлози е редовна организација на саем, каде што локалните компании ќе можат да се промовираат, да се вмрежуваат и да добиваат нови клиенти, со интернационална димензија, вели Андреска-Богдановска во интервјуто за весникот ВЕЧЕР. Користејќи го своето академско искуство, како советничка во Град Скопје, ќе се залага за програми што ќе ги поврзуваат универзитетите со бизнис-секторот, за да можат младите уште за време на студиите да стекнуваат искуство и контакти
Почна новата академска година. Што значи за Вас лично, како ректорка, првиот академски ден – и што претставува тој момент за Европскиот универзитет како институција?
За мене, првиот академски ден е секогаш празник – симбол на нов почеток и на нови надежи. Како ректорка, тоа е момент на гордост, но и на голема одговорност бидејќи секоја нова генерација студенти ни ја доверува својата иднина. За Универзитетот, овој ден е потврда на нашата мисија да бидеме водечка образовна институција која создава знаење, која гради професионалци и подготвува млади луѓе за глобалните предизвици.
Долго време сте на чело на Европскиот универзитет и имате богато искуство во менаџирање на високообразовна установа. Кои вредности се обидувате да им ги пренесете на новите генерации студенти?
Верувам дека високото образование е повеќе од диплома – тоа е процес на изградба на личност и на карактер. Се обидувам да им пренесам вредности како интегритет, упорност, креативност и општествена одговорност. Студентите треба да сфатат дека знаењето има смисла само кога се применува за доброто на заедницата. Токму затоа инсистираме на практична настава, интердисциплинарност и критичко размислување.
Години наназад, Вашиот фокус беше исклучиво во образованието, но сега сте и втора на листата за советници за Град Скопје од Движење ЗНАМ – За наша Македонија. Кога се роди желбата да го направите чекорот од академско лидерство кон јавен, политички ангажман?
Желбата да се ангажирам во јавниот живот произлезе природно од моето академско искуство. Работејќи со младите и со колегите, секојдневно ги гледав предизвиците на нашето општество и потребата од нов пристап. Сметам дека е време знаењето и искуството од академијата да се пренесат и во локалната политика за конкретни решенија што ќе им користат на граѓаните.
Исто така, мотивацијата се роди од позитивната енергија што ја препознав во редовите на политичката партија Движење ЗНАМ – За Наша Македонија. Таа желба за промени особено ја препознав кај носителот на советничката листа за Град Скопје, генерал Горанчо Котески, кој е човек со чесност, интегритет, силна волја и дисциплина. Секогаш верувам во тимска и заедничка работа и дејствување.
Доаѓате од семејство со силна академска и општествена традиција. Колку тоа Ве обликувало како личност – и дали денес чувствувате одговорност да го продолжите тој пат преку Вашиот ангажман во јавниот живот?
Моето семејство секогаш било двигател на мојата инспирација и на мојата мотивација. Особено мојот покоен татко, проф. д-р Бојо Андрески, кој беше мојот најголем ментор и успеа да ми го пренесе неговото искуство кое е присутно и до ден-денес во моето функционирање. Од него научив дека знаењето и чесноста се најсилните карактеристики на секој човек. Да, чувствувам голема одговорност да го продолжам тој пат – но и да го надградам со мојата лична енергија и со мојата визија. Тоа не е само семејна традиција, туку и мој личен избор и обврска кон заедницата. Истовремено, мојата најголема мотивација и инспирација е моето потесно семејство, мојот сопруг и нашите 5 деца за кои силно се залагаме да ја трасираме нивната иднина и перспектива со надеж дека ние со нашите дела ќе бидеме нивна инспирација и водилка низ животот.
Кои ќе бидат Вашите клучни приоритети доколку станете дел од Советот на Град Скопје? Има ли конкретни иницијативи или области што Ви се најважни?
Моите приоритети ќе бидат насочени кон подобрување на локалната економија, кон поддршка на малите и средни претпријатија и кон унапредување на туризмот. Исто така, многу внимание ќе посветам на образованието, културата и на младите – да создадеме град кој не само што ќе им обезбеди квалитетен живот туку и ќе ги мотивира да останат тука. Еден од моите предлози е редовна организација на саем, каде што локалните компании ќе можат да се промовираат, да се вмрежуваат и да добиваат нови клиенти, со интернационална димензија.
Со Вашето долгогодишно искуство во академијата сте во постојан контакт со млади луѓе и ги знаете нивните потреби и предизвици. Како ќе го искористите тоа знаење во советничката функција – особено во насока на задржување на младите во Скопје и во спречување на иселувањето?
Младите сакаат можности, не празни ветувања. Тоа значи подобро образование, практична обука, но и културен и урбан живот што ќе ги инспирира. Како советничка, ќе се залагам за програми што ќе ги поврзуваат универзитетите со бизнис-секторот, за да можат младите уште за време на студиите да стекнуваат искуство и контакти. Само ако им понудиме визија и перспектива, ќе ги задржиме дома.
Каде мислите дека најмногу недостасува знаење, експертиза или визија во локалната политика – и како Вие би придонеле во таа смисла?
Забележително е дека недостига систематски пристап и често се работи ад-хок, без долгорочна стратегија. Политиката мора да се потпре на знаење, истражување и анализа. Јас доаѓам од средина каде што решенијата секогаш се базираат на факти и на аргументи. Тоа знаење и таа методологија ќе ги внесам во Советот, за да градот се развива плански, од секој аспект.
Како го замислувате Скопје во иднина – и како лично ќе се вклучите во неговата трансформација кон модерен, функционален и поинклузивен град?
Скопје го замислувам како зелен, дигитален и европски град – град на знаење, култура и на солидарност. Модерен јавен превоз, повеќе зелени површини, функционална инфраструктура и поголема поддршка за културни и за иновативни проекти. Мојата улога ќе биде да ја внесам таа визија во конкретни предлози и одлуки – да покажеме дека Скопје може да биде град на кој сите ќе бидеме горди.
(В. С. Н.)