Во рамките на проектот „Кадар-на“ (Her Frame), кој го реализира фестивалот „Браќа Манаки“, на 29 октомври, во киносалата на „Вардар филм“ во Скопје, со почеток во 14:00 часот, ќе се одржат проекции на регионални кратки филмови. Филмовите, дел од нив во режија на учеснички во оваа програма, што ќе може да се гледаат се: „Сенките на месечината“ (2025) во режија на Тина Величковиќ; „Река“ (2024) во режија на Угљеша Ранисављевиќ, продуцентка Милена Бркиќ; „Кутии“ (2023) во режија на Ангела Димеска; „Интермецо“ (2021) во режија на Вишња Сретеновиќ и „Северен Пол“ (2021) во режија на Марија Апчевска. По проекциите, планирано е да се одржи Q&A (прашања и одговори) сесија со авторките на филмовите.
– Проектот „Кадар-на“ (Her Frame) што го спроведува ИФФК „Браќа Манаки“ заедно со филмскиот фестивал „Нови Сад“, во организација на Културниот центар на Нови Сад од Србија, има цел да инспирира нова генерација жени во креативните индустрии и да придонесе за родовата рамноправност на Западен Балкан, како поддршка на иницијативата за надминување на родовата нерамноправност во филмскиот сектор. За таа цел, беше отворен повик за менторска програма за млади филмски работнички што сакаат да се усовршат. По приемот на многубројните пријави од цел Западен Балкан, беа избрани 16 млади филмски режисерки и медиумски уметници во подем за да учествуваат во програмата „Her Frame“ – се посочува за проектот.
Во текот на програмата, учесничките работеле со водечки професионалки од филмската индустрија, преку онлајн работилници, мастер-класови и индивидуално менторство. Покрај тоа, присуствувале и на конференциите што се одржуваа како дел од филмските фестивали во Нови Сад и во Битола, во текот на септември. Во последната фаза, избраните учеснички ги претставиле своите проекти пред менторите, при што биле избрани четири финалистки во програмата „Кадар-на“ (Her Frame), кои продолжиле да ги развиваат своите проекти преку индивидуални, менторски работилници.
Четирите избрани финалстки се: Ивона Ѓорѓиовска-Кузманоска со менторката Сања Поштиќ (сценарио за анимирани филмови), Тина Величковиќ со менторката Драгана Тешиќ (продукција и дистрибуција), Ангела Димеска со менторката Дина Дума (режија) и Вишња Сретеновиќ со менторката Бојана Андриќ (кинематографија).
„Кадар-на“ ќе заврши во Нови Сад, на средината од ноември, со презентација на четирите проекти пред поширока јавност.
Проектот е поддржан од Британскиот совет, во рамките на иницијативата „Култура и креативност за Западен Балкан“, финансирана од Европската Унија. Програмата има цел да го поттикне регионалниот дијалог преку зајакнување на културните и на креативните сектори за да се оствари поголемо социоекономско влијание.












