вторник, февруари 10, 2026
Дома КУЛТУРА Проекција на документарниот филм „Тата“ на „Зимски Македокс“

Проекција на документарниот филм „Тата“ на „Зимски Македокс“

12

Проекцијата на документарниот филм „Тата“ на Лина Вдови и Раду Чорнициу ќе се одржи на 11 февруари, во 20:00 часот, во киното „Фросина“ при МКЦ во Скопје, а во рамките на програмскиот сегмент „Зимски Македокс“ на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. По проекцијата на „Тата“ (Романија / Германија / Холандија, 2024, 84 мин.), за која влезот е слободен, ќе се одржи дискусија со режисерите и со експерти на темата.

По години отуѓеност, Лина, молдавска новинарка, добива видеопорака од својот татко, работник мигрант во Италија. На видеото се гледаат модрини на неговите раце. Со скриена камера, таа тргнува по правда, но и по многу подлабока, лична вистина. „Тата“ е интимен и суров документарен портрет на семејство заробено во генерацискиот образец на насилството, токсичната машкост и тишината. Снимен во Италија, Молдавија и во Романија, филмот ја следи ќерката, која се обидува да го прекине циклусот – за себе, за следната генерација, па дури и за оној што ја повредил.

Режијата, сценариото и камерата во филмот се на Лина Вдови и Раду Чорнициу, на монтажата работеа Ана Фабини, Андреј Горган, Ципријан Цимпои, Делија Онига, звукот е на Хуго Дијкстал, а музиката на Јерг Фолерт. Филмот е реализиран во продукција на „Манифест филм“, во копродукција со „Корсо филм“.

По светската премиера на Торонто интернационалниот филмски фестивал (ТИФФ) во 2024 година, филмот учествуваше на значајни фестивали за документарен филм и за човековите права и доби награди на фестивалите во Краков, Трст, на ФИПАДОК, на „Верзио“ во Унгарија, на „Астра“ во Романија.

Проекцијата и дискусијата на „Зимски Македокс“ се реализираат во партнерство со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ и со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).

ИЗДВОЕНИ