Во киносалата на Кинотеката, на 2 октомври, со почеток во 20:00 часот, ќе се одржи специјална проекција на дигитално реставрираниот филм „Македонска крвава свадба“ (1967, режија: Трајче Попов), како дел од проектот „Сезона на филмски класици“.

– Проекцијата на овој класик е особено значајна, бидејќи ѝ овозможува на домашната публика повторно да го доживее филмот во неговата обновена, дигитално реставрирана верзија, а на младите генерации – да се запознаат со еден од најрепрезентативните примери на македонската филмска традиција. Со цел да се овозможи што поширока достапност, филмот во исто време ќе биде емитуван во живо, преку јутуб-каналот на Кинотеката, овозможувајќи ѝ на публиката надвор од Скопје и од Македонија да го проследи ова значајно културно случување. „Македонска крвава свадба“ е еден од најзначајните македонски филмови, кој го доловува историскиот и културниот контекст на нашата земја и кој претставува камен-темелник во развојот на националната кинематографија – посочуваат од Кинотеката.

Овој значаен настан е дел од европскиот проект „Сезона на филмски класици“ (A Season of Classic Films) – иницијатива на Асоцијацијата на европски кинотеки (Association des Cinémathèques Européennes – ACE), поддржана од програмата „Креативна Европа“ – МЕДИА на Европската Унија. Во рамките на овој проект, Кинотеката ги дигитализираше и дигитално ги реставрираше филмовите „Мирно лето“, „Фросина“, „Мементо“ и „Мис Стон“, како и кратките етнолошки филмови „Мариовска свадба“, „Велигденски обичаи“ и „Русалиски обичаи“.

„Сезоната на филмски класици“ претставува уникатна можност за европската и за светската публика повторно да ги открие ремек-делата на филмското наследство, со акцент на културната различност и на историјата на филмот. Од своето основање, проектот овозможи реставрација и повторна дистрибуција на над 210 европски филма, а оваа година низ програмата се претставуваат повеќе од 40 новореставрирани филмски дела од 27 европски филмски архиви.

ИЗДВОЕНИ