По 13 години прекин, продуктоводот Солун – Скопје повторно е подготвен да ги прими првите количини дизел гориво, откако беа успешно завршени сите технички контроли и верификации со кои е потврдена неговата целосна исправност, прецизност и функционалност. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, присуствуваше на завршната техничка контрола и верификација на мерниот систем на продуктоводот, преку кој дизел горивото ќе се транспортира од рафинеријата во Солун до Рафинеријата ОКТА во Скопје.
Техничката проверка беше спроведена од Бирото за метрологија, со учество на претставници од Чешкиот метролошки институт (CMI) и лабораторијата „Метрон“ од Солун, како и во присуство на претставници од царинската служба. Овластените стручни лица ја проверуваа исправноста и метролошките карактеристики на системот, со цел да се потврди дека мерната опрема функционира прецизно, сигурно и согласно највисоките меѓународни стандарди.
Министерката Божиновска истакна дека техничката исправност и точноста на мерењето се клучни предуслови за безбедно и транспарентно функционирање на енергетската инфраструктура.
– Ова е значаен чекор кон воспоставување сигурен и модерен систем за снабдување со деривати. Прецизното мерење, контролата и меѓународната верификација значат доверба, стабилност и долгорочна енергетска сигурност за државата – нагласи Божиновска.
Продуктоводот, кој беше пуштен во функција во 2002 година за пренос на сурова нафта, по 2013 година беше предмет на инвестиции за негова пренамена во инфраструктура за транспорт на дизел гориво. Системот е во должина од 213,5 километри и претставува еден од клучните енергетски капацитети во регионот.
Инфраструктурата располага со 15 блок-вентил станици за подобрено управување и високо ниво на безбедност, складишни капацитети од 80.000 кубни метри во Грција и 30.000 кубни метри во Македонија, како и современ SCADA систем за следење на притисок, температура и проток во реално време, што гарантира долгорочна сигурност и ефикасност.
Со реактивирањето на овој инфраструктурен систем, државата прави значаен чекор кон зајакнување на сигурноста во снабдувањето со нафтени деривати и модернизација на енергетската мрежа.












